
Во следните 20 години, Европа треба да биде поповрзана од кога било. Имено, Европската Унија планира да изгради континентална мрежа од брзи железници што треба да ги поврзе сите поголеми градови и поголемите урбани центри.
Проектот наречен Европска мрежа за брзи железници, кој го промовира здружението CER (Заедница на европски железнички и инфраструктурни компании), наскоро треба да добие официјално одобрение од Европската комисија. Станува збор за најголемиот инфраструктурен проект во историјата на ЕУ, вреден 546 милијарди евра, чија цел е создавање побрз, позелен и поотпорен европски транспортен систем.
Планот предвидува повеќе од 49.400 километри нови и модернизирани пруги, по кои возовите би се движеле со брзина помеѓу 250 и 350 километри на час. Новата мрежа ќе ги опфати сите поголеми градови, но и поголемите агломерации со повеќе од 250 илјади жители, како што се Солун, Љубљана, Краков или Марсеј, пренесува tportal.
Алберто Мацола, извршен директор на ЦЕР, истакна дека целта на проектот е железницата да се претвори во главна форма на транспорт во Европа. Според проценките на ЦЕР, 50 проценти од патувањата на долги релации во иднина ќе се одвиваат со брзи возови, а 20 проценти од нив сè уште ќе користат конвенционални линии, според „Еуроњуз“.
Иако Европа инвестира во железници со децении, Мацола предупредува дека континентот се соочува со сериозни инфраструктурни недостатоци. Проектот за брзи железници е тесно поврзан со целите на Европскиот зелен план, кој предвидува намалување на емисиите на стакленички гасови од сообраќајот за 90 проценти до 2050 година. Брзата железница, како енергетски ефикасна и одржлива форма на транспорт, треба да стане ‘рбетот на европскиот зелен транспорт.
Патување од Атина до Истанбул за 4 часа
Според плановите, патувањето од Атина до Истанбул би траело четири часа, додека од Мадрид до Милано би траело помалку од шест часа. Ова би ги направило брзите возови сериозен конкурент на воздушниот транспорт на пократки растојанија, со многу помал јаглероден отпечаток.