Најголемите светски енергетски компании очекуваат пад на приходите од ЛНГ

Најголемите светски нафтени компании очекуваат пад на приходите од продажбата на течен природен гас  оваа година, бидејќи нестабилноста на пазарот, која донесе големи профити по избувнувањето на војната во Украина, опаѓа.

Трговијата со ЛНГ достигна рекордни нивоа од февруари 2022 година, кога овој разладен гас, транспортиран по морски пат, замени дел од гасот што претходно преку цевководи пристигнуваше од Русија во Европа. Сепак, аналитичарите предвидуваат дека приходите од тргување со ЛНГ, кои се зависни од нестабилноста на цените, ќе паднат во 2025 година, бидејќи пазарите ќе се смират по енергетските шокови, пишува Фајненшл тајмс.

Овој тренд ќе влијае на профитот на големите нафтени компании Шел, БП и ТоталЕнерџис во Европа, како и Ексон Мобил и Шеврон во САД. Сите овие компании имаат значајни сектори на ЛНГ кои имаат корист од големите флуктуации на цените, што придонесува за рекордниот профит на индустријата.

Индустријата, исто така, очекува дека вишокот на снабдување со ЛНГ ќе ги намали цените во наредните години. Ристад енерџи предвидува дека понудата ќе ја надмине побарувачката до 2027 година, бидејќи новите проекти во САД и зголеменото производство во Катар, третиот по големина пазар за извоз на ЛНГ, ќе придонесат за поголема понуда.

За да се подготват за потенцијално прекумерно снабдување, компаниите како Шел и ТоталЕнерџис сè повеќе ги поврзуваат своите договори за ЛНГ со цената на нафтата, наместо со цената на гасот. Експертите посочуваат дека политичката и економската неизвесност ќе продолжи да има клучна улога во овој сектор.