Фото: Pexels
Често поради страв од неуспех смислуваме најразлични изговори и оправдувања зошто не се обидуваме своите идеи да ги претвориме во реалност. Ова се некои од најчестите изговори што ги избра порталот mojposao.net зошто луѓето не го прават првиот чекор.
Се плашам
Добредојдовте во клубот. Секој претприемач се плаши. Имате избор – да дозволите стравот да ве совлада или да го искористите како стартер кон она што ви е потребно за да успеете.
Немам пари
Да се биде претприемач значи да се биде умешен како од малку да се направи многу – малку луѓе, малку време, малку пари… Прифатете дека никогаш нема да имате “доволно” пари, капитал. Ако немате доволно пари да го реализирате планот, прилагодете го.
Немам контакти
Благодарение на интернетот и социјалните мрежи денес навистина можете да стигнете до секого. А ќе се зачудите колку некои од големите и успешни луѓе се достапни. Секако, ќе има и случаи кога некој нема да ви одговори. Но тоа не е по ваша вина. Почнете со мали чекори. Мрежата на контакти е како пирамида, има широка база.
Немам време
Сите имаат иста количина време на располагање. Разликата е во тоа што секој со времето може да прави што сака. Да сте заробени под земја и да имате кислород за само 24 часа, сигурно нема да гледате телевизија или да “висите” на социјалните мрежи. Цело време ќе се обидувате да се откопате, зарем не? Ова само пресликајте го на важноста на она што сакате да го постигнете и вашиот распоред веднаш ќе се расчисти. Да се најде време за нешто секогаш зависи од тоа колку многу го посакате тоа нешто.
Немам вештини
Нема проблем. Стекнете ги. Едуцирајте се. Разговарајте со пријателите. Волонтирајте или обидете се да најдете некаква работа со скратено работно време. Вработете се во потполно различна индустрија. Мислите дека нема да ве платат? Или ви се чини дека тоа не е чесно? Во тој случај прифатете дека веројатно никогаш нема да ги стекнете потребните вештини, но потоа немојте да се жалите. Вештините и знаењето се заработуваат, не се подаруваат.
Не можам да ризикувам
Секој ризик што го преземате е ризик од кој може да се опоравите. Со време ќе станете имуни на скоро сите пречки и неуспеси, ќе станувате посилни и помудри, а потоа и подобри. Ако никогаш не се обидете, ќе ви биде жал кога ќе остарите и ќе го погледнете животот наназад.
Не можам да престанам да работам додека не е се совршено
Секако дека можете. Само не сакате. Можеби сте несигурни во себе. Можеби се плашите. Можеби ви е страв од критика и отфрлување. Но, наместо тоа обидете се да дадете се од себе. Потоа потргнете се и согледајте ја целината. Ако е потребно уште малку работа за да излезат работите подобро, сторете го тоа. Ако дополнителната работа ќе направи разлика што само вие ќе ја забележите, оставете. Подобрувања правете само врз основа на повратните информации од вашите клиенти.
Претешко е
Секое долго патување е такво. Но поединечните чекори се лесни. Ако цел ден седите на креветот и одеднаш решите да истрчате маратон, имате право, тоа е претешко. Но излезете денес и трчајте неколку минути, па следниот ден повеќе, па повеќе… Не можете преку ноќ да остварите тешка цел, но можете да напредувате чекор по чекор. Тоа го можете.