Најстариот медиум во Црна Гора – Побједа под стечај

20

pobjeda

Најстариот медиум во Црна Гора – Побједа, на два ипол месеци пред 70-от јубилеј, заминува под стечај, соопшти Стопанскиот суд на Црна Гора, десетина дена по барањето на тамошната Даночна управа.

Процесот би требало да заврши за три месеци, односно до први ноември, кога почнува новиот живот на Побједа, фирма што би требало да застане на стабилна основа, која ќе може да се занимава со конкуренција и да биде лидер и по тиражот и по професионалноста, јавува Побједа.

“Но, до тој ден, ни претстојат три тешки месеци, можеби најтешки во историјата на овој медиум. Ни претстојат денови во кои секој од вработените во Побједа, можеби за прв пат во историјата на овој весник, ќе ја бие својата битка – за секој новинар, фоторепортер, лектор, уредник, работник во администрацијата, маркетингот… за сите оние кои живеат и чекаат да се реши судбината на весникот и кои, без оглед на крајниот исход, ќе ја платат највисоката цена на закрепнувањето на Побједа“, вели Весна Шофранац, одговорен уредник на Побједа.

Според одлуката на Стопанскиот суд, доверителите на Побједа имаат право во рок од 30 дена по прогласувањето на стечај да ги пријават своите побарувања. Стечајот не значи дека весникот ќе банкротира, но ќе мора да се намали бројот на вработени и да им се одреди минималната плата.

Според пишувањата на конкурентските медиуми, Побједа не се спаси од стечај ниту по големата буџетска помош на државата во изминатите години. Владата на Црна Гора претходно, неколку пати безуспешно се обиде да ја продаде Побједа, а најголема надеж полагаше во сараевската медиумска куќа Аваз.