![skycraper-5310313_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/skycraper-5310313_640.jpg)
Оклахома Сити е на работ на архитектонска пресвртница. Имено, планирана е изградба на облакодерот Legends Tower кој има за цел да стане највисоката зграда во САД и шеста највисока во светот. Овој импозантен проект на архитектонското биро АО привлече големо внимание кај јавноста и експертите, со поделени реакции кои се движат од ентузијазам до скептицизам.
Според сегашните планови, се очекува кулата Legends да достигне висина од 581 метар, надминувајќи го актуелниот рекордер во САД, One World Trade Center во Њујорк, кој е висок 541 метар. Првично, кулата била дизајнирана да биде висока 533 метри, но набрзо била зголемена за речиси 50 метри.
Фасадата на облакодерот ќе биде претежно стаклена, а основата ќе биде опкружена со помали кули. На врвот е предвидена мала вдлабнатина со шилец, што дополнително придонесува за вкупната висина. Овој дизајн не само што го подобрува визуелното влијание на зградата, туку и обезбедува нејзино препознавање на хоризонтот на градот.
Содржината и целта
Предвидено е Legends Tower да има станбени единици, хотелски простор, канцеларии, како и голем број станови по пристапни цени. Овој развој за мешана употреба има за цел да ги задоволи растечките потреби на населението и економијата на Оклахома, станувајќи нов центар на урбаниот живот.
Облакодерот ќе се наоѓа во населбата Бриктаун, која се наоѓа помеѓу централната деловна област на Оклахома Сити и брегот на реката. Овој дел од градот минува низ интензивна урбана регенерација, а Legends Tower ќе биде дел од поширокиот проект „The Boardwalk at Bricktown“, дизајниран да ги подобри понудите за забава и угостителство во регионот.
Кога започнува изградбата?
Градежните планови беа одобрени во април 2024 година, откако инвеститорот Matteson Capital обезбеди целосна финансиска поддршка.
Во јуни истата година, градот одобри и „неограничена висина“ за облакодери. Иако почетокот на работата беше првично планиран за есента 2024 година, извештаите од јануари 2025 година покажуваат дека градилиштето сè уште не е отворено.
Инженерски и архитектонски предизвици
За да се обезбеди стабилност на зградата, особено со оглед на зачестеноста на торнада во регионот, проектот и е доверен на њујоршката инженерска фирма Торнтон Томасети, која ќе спроведе серија тестови и прилагодувања.
Од архитектонското биро АО нагласуваат дека целта на проектот била да се создаде едноставна, чиста и елегантна силуета, без прекумерни естетски елементи.
Еден од партнерите во студиото, Брус Гринфилд, изјавил дека зградата првично не била замислена како највисока во Америка, туку дека нејзината висина еволуирала додека инвеститорот добивал нови средства и преговарал со градските власти.
Проектот го води Matteson Capital, инвестициска фирма со седиште во Калифорнија, чиј сопственик Скот Матесон има искуство во изградба на луксузни недвижнини. Неговата компанија работеше на проекти како што се Icon Hotel во Хјустон и Sapphire Tower во Сан Диего.
Матесон призна дека многумина ги сметаат неговите идеи премногу амбициозни, но истакна дека слични сомнежи постоеле за време на спроведувањето на неговите претходни проекти во Сан Диего и Мајами.
Зошто Оклахома Сити?
Додека традиционалните американски облакодери се концентрирани во метрополи како Њујорк и Чикаго, Оклахома Сити е еден од најбрзо растечките градови во земјата. Со население од над 700.000 луѓе, градот е на 20-то место по големина во САД, но има амбициозни планови за развој.
Според архитектите, изградбата на толку висок облакодер во Оклахома е дел од пошироката стратегија за урбано ширење. Стефан Ол, автор на книгата „Супертал“, го споредува овој проект со стратегијата за изградба на импресивни згради во градови како Дубаи, каде што облакодерите станаа начин за привлекување инвеститори и жители.