Намалување на обемот на депозити и кредити во еврозоната

58

Жителите на еврозоната позајмуваат помалку пари од банките, а депозитите од финансиските институции паднаа за рекорден износ во октомври, покажуваат податоците објавени од Европската централна банка во понеделникот.

Бројките покажаа дека количината на пари што тече во финансискиот систем на еврозоната се намали по една деценија брз раст, што беше резултат на ултра лабавата монетарна политика, пишува Фајненшл тајмс. Вкупниот износ на пари во депозитите на финансиските институции од еврозоната, без централните влади, падна за 64 милијарди евра.

Вкупните депозити во еврозоната паднаа во октомври за рекордни 149 милијарди евра, во споредба со претходниот месец. Депозитите на домаќинствата се зголемени за 15 милијарди евра, но ова е најмалиот пораст во последните пет години и за околу 60 отсто помалку од просекот во претходните три месеци, што покажува дека потрошувачите штедат помалку.

Забавување има и кај кредитирањето на домаќинствата, бидејќи банките во октомври одобрија нови хипотеки во износ од 8 милијарди евра, што е намалување од 15 милијарди евра во септември. Ова е најниското ниво на заеми од врвот на европската криза предизвикана од пандемијата на корона вирусот во април 2020 година.

Аналитичарите оценуваат дека во наредните месеци ќе има дополнително слабеење на депозитите и кредитирањето во согласност со очекуваното забавување на растот на БДП и рецесија во еврозоната во текот на претстојната зима.