Наносекунда

144

Пред некое време, дознав од Калин што е дефиниција за “наносекунда”, во скопски жаргон. Тоа било – временскиот период од палењето на зеленото светло на семафорот, до одекнување на првата сирена на автомобилите кои прават притисок од заднина (за побрзо да тргнат тие што се напред). Доколку живеете во Скопје и сте учесник во сообраќајот, овој концепт ви е многу познат.

Не знам за вас, но јас воопшто не го разбирам тоа со свирењето и правење паника на семафор. Сигурно, само тој што го употребува овој концепт е задоволен, останатите само се нервираат, се фрустрираат и паничат. Можеби не го разбирам ова, бидејќи имам влијание уште од времето кога бев средношколец и живеев во Америка. Во деведесеттите поминав една година во Минеаполис (Минесота), која беше позната уште во тоа време (низ цел САД) како единствена држава каде што возачите воопшто не ја употребуваат свирката на автомобилот. Јас цела година не слушнав ниту еден автомобил што ја употреби свирката во какви било ситуации. Не дека беше забрането, туку едноставно возачите имаа почит и трпение кон другите возачи. Или, како што се вели, имаа “сообраќајна култура”.

Размислував што може да биде причината за да свират луѓето и притискаат на семафор и дојдов до следниве заклучоци:

  1. Брзам, бидејќи ми се случило или појавило нешто многу итно и важно (некоја специфична ситуација – жена на породување, операција, испуштање на лет итн.).
  2. Брзам, бидејќи доцнам некаде (состанок, средба, земање деца од градинка итн.).
  3. Брзам (никаде посебно), бидејќи немам трпение да ги сочекам другите учесници во сообраќајот да реагираат.     

(Не ми текнува друга опција. Ако ви текне вам, пишете ни слободно)

Во секој случај, она што може да се направи во овие ситуации е:

  1. За среќа, мислам дека вакви ситуации се случуваат многу ретко. Сепак, имајте разбирање за другите.
  2. Со цел да ги намалиме овие ситуации, треба да се организираме подобро. Подобро планирање на времето, т.е. нашите активности и обврски во расположливото време. Ако ние самите малку се потрудиме да се организираме подобро, можеби ќе ги поштедиме другите возачи од фрустрации и од нервози.
  3. Околу ова ќе треба малку повеќе да поработите на себе. Тоа значи дека немате нималку трпение за ништо, лесно избувнувате во разговор и често се расправате со другите или, пак, како што се вели, “имате краток фитил“. Исто така, може да значи и дека имате повисоко ниво на кортизол (хормон) во крвта. Од Википедија – Тоj обично се нарекува хормон на стресот, со оглед на тоа што неговото ниво се зголемува при стрес и анксиозност. Влијае на зголемување на крвниот притисок и шеќерот во крвта и го намалува имунитетот. За ова е комплексно во неколку реченици да се даде некој паметен совет, и затоа на кратко, направете самоанализа – зошто (каде) брзате и работете на тоа (прашајте го гугл како и ќе ви каже). А во однос на тоа, што може да се направи со цел да се намали свирењето на семафор. Чисто имајте малку почит кон другите возачи во сообраќајот. Ако сте 10 автомобили на семафор и вие “легнете” на свирката, тогаш имајте на ум дека на 9 возачи ќе им направите непотребен стрес и нервоза (а посебно на тие што се напред). Или, барем дајте им можност на возачите да реагираат, а доколку заглават, тогаш потсетете ги.

Со успех во промените.

Фото: Pexels