Наредната недела ќе се одбележи Глобалната недела на парите: „Размисли пред да „заследиш”, за безбедност на твоите пари во иднина”  

Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, наредната недела, тринаесетта година по ред, ќе ја одбележат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања за различни возрасни групи, објавување едукативни материјали од областа на финансиите на интернет-страниците, одржување работилници со физичко присуство или онлајн, објавување едукативни содржини на социјалните мрежи.

Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Размисли пред да „заследиш”, за безбедност на твоите пари во иднина” (Think before you follow, wise money tomorrow). Темата се осврнува на сложеноста на современите дигитални финансиски трендови, појавата на лица што даваат совети за финансиските инвестиции (т.н. „финфлуенсери”) и зголемената употреба на вештачката интелигенција при утврдувањето на веродостојноста на финансиските информации и совети, особено за младите. Понатаму, и емоционалната пристрасност и однесувањето, особено менталитетот на толпата можат да поттикнат лоши финансиски одлуки под притисок на врсниците или под влијание на социјалните медиуми.

Во овој контекст, од огромно значење е младите да развијат добри вештини за управување со парите, да препознаваат емоционални поттикнувачи и да стекнат критички пристап кон изворите на информации. Зајакнувањето на финансиската писменост може да им помогне на младите подобро да се снаоѓаат на финансиските пазари, да се спротивстават и да препознаат пристрасни совети што води до попаметни финансиски одлуки. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да бидат исклучително претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии во финансискиот сектор.

Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта, децата од предучилишна возраст и за студентите. Воедно, секој ден ќе се објавуваат прашања во рамките на едукативниот квиз на социјалните мрежи на Народната банка. Во соработка со Сојузот на средношколци ќе биде одржана работилница со учениците од средните училишта. Воедно, Народната банка ќе организира вебинар за наставниот кадар од основните и средните училишта, пред кои ќе се одржи презентација на темата на Глобалната недела на парите и дискусија. За таа цел, ги повикуваме наставниците и професорите да се пријават за учество на вебинарот, а потоа да одржат наменски презентации за своите ученици, со што ќе се зголеми опфатот на вклучените ученици. Народната банка зеде учество во активностите на здружението за вмрежување на успешни жени „Јас сум жена”, односно учествува во предавањето на едно средно економско училиште и во панел-дискусија за кибербезбедноста којашто ќе биде во рамките на Женскиот економски форум.

Народната банка, организациски и со учество во Жири-комисијата, го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2025 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите (првиот круг на 1 април и вториот круг на 4 април 2025 година).

Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org   

Во однос на другите земји, Глобалната недела на парите кај нас се одржува две недели подоцна, поради трагедијата во Кочани.