Населба каде киријата не е променета 500 години

27

Во идиличната германска населба Фугереј, цената за изнајмување стан не е променета од 16 век и изнесува 88 центи годишно.

Населбата од соништата се наоѓа во баварскиот град Аугсбург. Имено, доколку сакате да го посетите Фугереј, ќе треба да платите влезница, чија цена е четири пати повисока од изнајмувањето стан за цела година…

Иако звучи како нешто од графата „верувале или не“, во идиличната германска населба Фугереј цената за изнајмување стан не е променета од 16 век и изнесува 88 центи годишно.

Населбата се наоѓа во баварскиот град Аугсбург. Тој е и еден од најстарите градови во Германија, за што сведочи и неговото име: имено, основан е по наредба на римскиот император Август како воен логор. Дури и тогаш овде живееле околу 10.000 луѓе, а наскоро потоа станал еден од најголемите градови на Римското Царство.

Бил центар за трговија, индустрија и производство на ткаенини, уметничка оаза за многу сликари и музичари, родно место на посебен рококо стил наречен „стил на Аугсбург“, а неговиот систем за водоснабдување е вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО во Европа.

Сепак, иако просперитетен, градот имал дел со сиромашни граѓани. За нив се грижела влијателната и моќна банкарска фамилија Фугер, која во 16 век инвестирала пари во изградба на специјална населба Фугереј за помалку богатите. Меѓу нив имало вдовици, бездомници и осиромашени занаетчии, но не и питачи.

За да станат жители на Фугереј, тие морале да исполнат неколку услови: да поминат најмалку две години во Аугсбург, да бидат од католичка вероисповед и да имаат доказ дека не биле казнети. Интересно е што еден од жителите бил прадедо на славниот Моцарт, во чија чест денеска е поставена спомен-плоча, пренесува Б92.

Жителите на населбата плаќале годишна закупнина на фондацијата во износ од само 88 центи, а дополнително биле обврзани да „изведат“ три молитви дневно за членовите на семејството Фугер и да вршат хонорарна општествена работа. Големо значење се придавало на духот на заедништво и солидарноста, кои се чувствуваат и денес. Жителите си вршат услуги меѓу себе, си помагаат и се дружат.

Така, Фугереј станала најстарата социјална населба во светот. Но, за оние што би можеле да злоупотребат нечија добра волја, треба да се забележи: основниот принцип на помагање на жителите е да им се помогне на начин на кој самите ќе си помогнат. Така, додека не застанат на нозе и не можат да се иселат, им се отстапува место додека им е потребно.

Денес има околу седумдесет куќи, односно околу 150 стана. Површината на становите е околу 60 квадратни метри, а тие на приземје имаат и двор. Овој „град во град“ е опкружен со ѕидини уште од средниот век и има пет порти кои сè уште се затвораат секоја вечер. Тука за гостите има и музеј и продавница за сувенири.

Доколку сакате да го посетите Фугереј, ќе треба да платите влезница чија цена е осум пати повисока од изнајмувањето стан за цела година – така што ќе треба да потрошите дури 8 евра!

Фото: facebook