Наскоро Трамп хотел во срцето на Белград

Блумберг објави информација за голем проект што Џаред Кушнер, зет на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, го планира во Белград.

Имено, во прашање е изградбата на кулата Трамп.

„Додека Доналд Трамп се враќа во Белата куќа, неговиот зет Џаред Кушнер тргнува на деловен потфат во странство кој ќе носи име блиско до дома – Трамп“, пишува Блумберг.

Афинити Партнерс, инвестициската фирма што Кушнер ја основа по напуштањето на Белата куќа, соработува со емиратскиот милијардер Мохамед Алабар за развој на луксузен хотел и станбен комплекс во Белград, главниот град на Србија.

Проектот ќе биде лоциран на местото на Министерството за одбрана на поранешна Југославија.

Инаку, проектот во Белград веќе ја доби својата официјална веб-страница – а на веб-страницата можете да видите како ќе изгледаат планираните згради од повеќе агли.

Според Блумберг, Доналд Трамп размислувал за слична идеја уште во 2016 година, пред да се кандидира за претседател на САД. Меѓутоа, сега, благодарение на иницијативата на неговиот зет и поддршката на партнерот од Обединетите Арапски Емирати, идејата станува реалност.

Се очекува луксузниот комплекс да придонесе за урбаниот развој на градот и да го привлече вниманието на инвеститори и туристи од целиот свет.

Фото trumpbelgrade