НБРМ: Има простор за зголемување на кредитната поддршка на стопанството

14

9CA959E7ECDDC14792CE2498F4FB44B5Според оценката на Народната банка на Република Македонија, кредитните текови се позитивни со поголема ориентираност на банките кон населението, девизните резерви се на ниво доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови, депозитите во банкарскиот систем растат, но побавно од очекуваното, а инфлацијата и натаму се движи во проектираните рамки.

Каматната стапка на благајничките записи ќе се задржи на нивото од 3,25%, а на аукција ќе се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ, 25.500 милиони денари.

“Податоците за кредитните текови укажуваат на можно остварување на планираната динамика на кредитната активност. Во првите шест месеци од 2013 година, износот на новоодобрени кредити од страна на банките кон секторот на нето-извозници и домашни производители на електрична енергија достигна 3.588 милиони денари, при што новоодобрените кредити во најголем дел, 99%, се кон секторот нето-извозници. Растот на новоодобрените кредити овозможува намалување на основата на задолжителната резерва на банките со што се создава простор за натамошно зголемување на кредитната поддршка на приватниот сектор”, соопшти централната банка.

Во соопштението се додеава дека и покрај ваквите остварувања, надолни ризици околу проекцијата на кредитите и натаму постојат и се уште има согледувања за ризик.

По забрзувањето на инфлацијата во јуни, минатиот месец потрошувачките цени се намалија на месечна основа, а годишниот раст на цените забави.

“Инфлацијата и натаму се движи во проектираните рамки, со врамнотежени ризици околу проектираната просечна инфлација од 2,8% за 2013 година. Според најновите показатели за економската активност, инфлацијата би се задржала во зоната на позитивни промени и во второто тримесечје, при натамошен, но забавен раст на индустриската и градежната активност”, информира НБРМ.

Минатиот месец на девизниот пазар е забележан вообичаен сезонски раст на понудата на девизи. Во услови на зголемена понуда на девизи и подобрување на девизните позиции на банкарскиот систем, Народната банка интервенира со откуп на девизи.

Ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија во јули се намали под влијание на автономните фактори, што беше под влијание пред се на сезонскиот раст на готовите пари во оптек, наведува НБРМ.

Банките активно ги користеа монетарните инструменти за надминување на ликвидносните флуктуации, а движењата на домашните финансиски пазари се стабилни. На пазарот на пари се забележува зголемување на меѓубанкарската активност и тргување на подолги рочности, а пораст се забележува и кај тргувањето на секундарниот пазар. Зголемената трговска активност укажува дека е задржан високиот степен на доверба меѓу пазарните учесници.