НБРМ ја намали каматната стапка на 3,25%

27

nbrm1Народната банка на Република Македонија (НБРМ) донесе одлука за намалување на каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентен поен, на 3,25%.

Се работи за основна каматна стапка која потоа се користи како репер од страна на комерцијалните банки во нивото деловно работење.

Согласно одлуката на аукцијата на благајнички записи ќе се примени тендер со ограничен износ на понуда и фиксно утврдена каматна стапка од 3,25%, што претставува намалување од 0,25 п.п. во однос на тековната, максимално утврдена каматна стапка на благајничките записи од 3,50%.

Истовремено, на месечната седница на Комитетот се донесе одлука за соодветно намалување на каматната стапка на расположливите депозити на седум дена, на ниво од 1,50%.

Во соопштението се додава дека на ваков начин, монетарната политика му дава дополнителна поддршка на процесот на економско закрепнување, преку основниот монетарен инструмент којшто се сведе на историски најниското ниво, со што се стеснува просторот за натамошно влијание во оваа насока преку овој инструмент.

Централната банка констатирала дека во банкарскиот сектор, заклучно со јуни 2013 година, продолжил трендот на одржување висока ликвидност, при што банките за надминување на ликвидносните флуктуации активно ги користат монетарните инструменти и тргуваат на меѓубанкарскиот пазар на пари.

Од НБРМ информираат дека девизните резерви бележат пад, но наведуваат дека станува збор за вообичаено сезонско движење и дека интензитетот на намалување е во согласност со очекувањата.

НБРМ очекува и дека извршената промена кај инструментот задолжителна резерва ќе го намали ризикот од понатамошно стеснување на распонот меѓу приносите на денарското и девизното штедење.

Воедно, во услови кога повторно зајакнаа ризиците од можно понеповолно надворешно окружување, се очекува дека оваа мерка ќе го стимулира приливот на долгорочен капитал од надвор и ќе ги ублажи постоечките ризици за надворешната позиција, стои во соопштението.