НБРМ: Нема одлука за повлекување на НБГ од Стопанска банка

27

народна-банка-на-македонија-600x400Според соопштението на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), договор за повлекување на националната банка на Грција (НБГ) од Стопанска банка АД – Скопје не постои.

Но, доколку дојде до такво нешто сите клиенти би продолжиле без измени да ги добиваат услугите на банката.

Ова соопштение на НБРМ е реакција на веста за договор меѓу Европската комисија и НБГ за повлекување на НБГ од пазарите во Југоисточна Европа, којашто ја пренесоа повеќе македонски медиуми од грчкиот Катимерини.

Од НБРМ нагласуваат дека таков договор се уште не постои. Тоа е една од опциите коишто ги разгледува Европската комисија, но е неизвесно каков договор ќе се постигне.

“Без оглед на тоа какво решение ќе се донесе, треба да се знае дека Стопанска банка е домашно правно лице коешто работи во согласност со законските прописи во Република Македонија. Таа е далеку најдобрата банка во рамки на групацијата на НБГ и една од најдобрите банки во Република Македонија според системите за управување со ризиците и корпоративното управување, како и според капиталот, ликвидноста и нивото на ризик”, се вели во реакцијата на НБРМ.

Понатаму во соопштението се нагласува дека дури и да биде донесено решение НБГ да се повлече од Стопанска банка АД Скопје, тоа би бил подолг процес во кој активно би била вклучена и НБРМ, а  Стопанска банка АД Скопје би продолжила најнормално да функционира на пазарот.