Недостиг на струја и гориво во Куба

62

На Куба со денови има недостиг од гориво и струја, што предизвика демонстрации кај населението, но на рестрикциите не им се гледа крајот. Возачите се принудени да чекаат со денови на бензинските пумпи за да пристигне дизелот, најкористеното гориво во Куба.

Недостатокот се влоши со одлуката на кубанските власти горивото наменето за потрошувачите да го пренасочат кон агрегати за производство на електрична енергија, но ниту тоа не беше доволно за да се избегнат неколкучасовни прекини на струја, јавуваат руските медиуми.

Иако владата официјално не го коментираше недостигот на гориво, експертите оценуваат дека ситуацијата е директно поврзана со енергетската криза во земјата, која има тенденција да се влошува, особено во текот на летото, бидејќи Венецуела не испратила доволно дизел во Куба.

Кубанците создадоа листи на чекање кои редовно се ажурираат. Оние кои живеат во Хавана и имаат мобилни телефони, како што пренесуваат медиумите, можат да преноќат дома и да ја следат ситуацијата, додека другите буквално спијат и јадат во своите автомобили додека чекаат ред. Кога горивото ќе пристигне до пумпата, возачите можат да ги полнат резервоарите на автомобилот, но истурањето во канистри е забрането.

Кубанската влада во понеделникот вечерта ги информираше граѓаните дека не им се гледа крај на прекините на електричната енергија кои ги нарушуваат нивните животи и економијата, пренесе Ројтерс. Прекините на струја беа главната причина за широките граѓански протести пред една година, но ограничувањата продолжија во последните месеци, додека протестите станаа спорадични.

„Оперативните резерви што ги имаме во електричниот систем се недоволни за покривање на побарувачката, што ги прави неизбежни ефектите врз услугата“, соопшти кубанското Министерство за рудници и енергија. Според надлежните, проблем се неисправноста на застарените кубански електрани, кои не се одржуваат соодветно поради недостиг на средства.

Дополнителен проблем настанал поради пожар на два генератори, поради што проблемот би можел да потрае и во наредната година. Од Министерството наведуваат дека поскапувањата на горивата ги затегнале ресурсите, но оти немале големо влијание врз прекините на електричната енергија, туку дека причината биле дотраени агрегати.

Куба увезува повеќе од 50 отсто од своето гориво од Венецуела, додека нејзините електрани најмногу согоруваат локална нафта. Само пет проценти од електричната енергија доаѓа од други извори. Хавана е главно поштедена од секојдневни прекини на струја кои траат четири часа или повеќе, а се повторуваат секој ден.