Некои се стари повеќе од 500 години: Најстарите активни банки во светот

89

Модерното банкарство во Европа започнало да се развива за време на раната ренесанса во 14 век во италијанските градови-држави. Првите банки се појавија во градовите како Фиренца, Венеција, Сиена и Џенова.

Во Фиренца, познатото семејство Медичи ја основало својата банка во 1397 година, која станала една од најпознатите банки, позајмувајќи пари низ цела Европа. Иако Медичи, како управители на Фиренца и сопственици на оваа банка, се сметаа за најбогатото семејство во Европа, банката пропадна во 1499 година.

Сепак, некои банки од овој период и некои помлади опстанаа и сè уште работат во модерното време.

Историјата на Банка Монте деи Паски ди Сиена може да се следи од 1472 година, кога била основана како Монте де Пиета, институција која обезбедувала заеми со ниски камати на сиромашните. Работи како обична банка од 1624 година, а од 2017 година е во мнозинска сопственост на италијанското Министерство за финансии и економија.

Најстарата банка која работи под истото име и најстара комерцијална банка е Беренберг банка, основана во 1590 година и лоцирана во Хамбург. Банката сè уште е делумно во сопственост на семејството што ја основало. Се занимава со инвестициско банкарство, брокерски услуги, капитални трансакции и служи како приватна банка за богати поединци.

Најстарата банка во Велика Британија и трета најстара во светот е Child & Co, основана во 1664 година. Во моментов е во сопственост на NatWest Group.

Најстарата централна банка во светот е шведската Sveriges Riksbank, основана во 1668 година.

Една од најстарите активни банки и најстарата банка во приватна сопственост е британската банка C. Hoare & Co, позната и како само Hoare. Основана е во 1672 година од Сер Ричард Хоар и моментално е во сопственост на 11-тата генерација на неговите директни потомци. Се занимава со приватно банкарство, вклучувајќи заеми, чување и даночно планирање.

Друга банка управувана од истото семејство со генерации е Metzler Bank, основана во 1674 година во Франкфурт. Инаку е втората најстара банка во Германија. Вработени се 830 лица. Фокусирана е на капиталните работи за институциите и приватните корисници.