Неколку (не)вистини за започнувањето на сопствен бизнис

open-pexels

Фото: Pexels

Некои работи едноставно не се такви какви што ги замислуваме. Нашите очекувања се едно, но реалноста честопати нè изненадува. Започнувањето на сопствен бизнис носи свои ризици, бенефити, стресови, успеси… од нас зависи во која доза ќе ги “заработиме”.

Еве неколку работи што (не)сте ги очекувале:

Ќе го работите тоа што го сакате

Она што е вистина е дека сите некогаш ќе мора да работиме нешто што не го сакаме. Работата нема секогаш да биде тешка, напорна или ужасна, но тоа не значи дека постојано ќе ни биде убаво и интересно. Сè во животот има подеми и падови, а луѓето што се одлучиле за сопствен бизнис можеби ја следат својата страст, но напорно работат. Секоја работа има крајни рокови, непријатни моменти и понекогаш одзема многу време.

Ќе имате голема слобода

Можеби ќе бидете ослободени од задачите што ги даваат шефовите и нема да се грижите за строгата политика на слободни денови. Ќе бидете пресреќни кога ќе успеете да стигнете на претставата на вашето дете во училиште. Сепак, од друга страна, слободата ќе биде оптоварена од потребата да се работи за опстанок. Повеќето работи ќе зависат од вас и вие ќе бидете тие што ќе треба да одлучите, а тоа значително ја стега рамката околу слободното време.

Да се започне сопствен бизнис е ризично

Сите работи во животот доаѓаат со некаков ризик. Вие само го одбирате степенот што ви одговара. Ако работите за некого, ги ставате вашите финансии, безбедност и вработувањето во туѓи раце, што секако носи доза на ризик. Доколку имате сопствен бизнис, тој ризик го преземате сами. На крајот на денот, изборот што ќе го направите зависи од тоа колку верувате во себе.

Постојано ќе бидете под стрес

Стресот е неизбежен дел од животот. Да се биде сам свој газда секако носи доза на стрес. Но, и да се работи за друг воопшто не е лесно. Не постои работа во која нема да доживеете непријатни моменти, да се соочите со тешки одлуки и луѓе. Вие сте тие што треба да знаете што е тоа што вам ве прави неспокојни и ви го руши мирот и да ја одберете другата варијанта.

Сè ќе мора да правите сами

Многумина се плашат да започнат сопствен бизнис од страв дека нема да можат да постигнат сè сами. Но, тука е и грешката – никој не може да работи сè сам. Токму затоа ќе побарате помош од стручни лица секогаш кога ќе ви биде потребно.

Немате “вистински” бизнис

Во денешно време секој бизнис е вистински бизнис и истиот нема потреба од поштенски код, канцелариски простор или веб страна. Оние што сами го започнуваат патешествието знаат дека тоа што го работат е легитимно – овие бизниси генерираат приход, задоволуваат потреба и се сосема погодно работно место.