Неколку причини зошто не треба да пиете премногу кафе на работа

23

kafe

Фото: Pexels

Повеќето луѓе не само што го сакаат кафето, туку се и зависни од него. Кофеинот ја подобрува концентрацијата, па ни се чини дека сме попродуктивни. По една шолја кафе се чувствуваме бистро, имаме повеќе енергија и мотив за работа. Тогаш кафето мора да е добро за кариерата? Да, пишува Entrepreneur, но само ако се пие во умерени количини. Еве како претераното внесување на кафе во организмот може да ѝ наштети на вашата кариера:

Поради кафето може да го прескокнете појадокот

Ова не важи за секого, но може да се случи наутро наместо за појадокот, да се фатите за шолјата со кафе. Кафето е добро за будење и мислите дека ви дава енергија за започнување на денот, но таа енергија е само илузија. На телото му треба квалитетна храна за да може да функционира. Прескокнувањето на појадокот ја одзема енергија на телото и умот, што на крај ја намалува продуктивноста.

Премалку спиење ви станува навика

Колку пати сте работеле до доцна во ноќта за да завршите некој проект и се тешите дека шолјата кафе ќе ве крене на нозе следното утро? Ако ова ви се случува често, мора да знаете дека недостатокот на сон може многу да ѝ наштети на вашата кариера затоа што ќе го загубите фокусот, па и за основните рутински работи ќе ви треба повеќе време за да ги завршите.

Кафето е “гориво” за несоницата

Премногу кафе во текот на денот може да ја поттикне несоницата, особено ако кафето го пиете во вечерните часови. Кафето ќе го оддолжи легнувањето во кревет, па следниот ден ќе се чувствувате уморно, што ќе ве наведе да пиете повеќе кафе за да се освестите и сè така во круг. Набрзо ни кафето нема повеќе да ви помага, а вашата кариера ќе страда.

Го покачува крвниот притисок

Кофеинот го покачува крвниот притисок, што не е штетно доколку се конзумира во мали дози. Меѓутоа, ако имате стресна работа поради која ви се качува притисокот, тогаш конзумирањето на кафе може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Комбинацијата на висок притисок и плитко дишење предизвикано од внесувањето на големи количини кофеин ќе го ограничи дотокот на крв во мозокот. Во таква состојба и наједноставните задачи стануваат тешки.

Станувате отпорни

Кофеинот е стимуланс и како и сите стимуланти, може да предизвика зависност. Со текот на времето, колку повеќе кафе пиете, толку вашето тело се навикнува на ефектите на кофеинот и станува толерантно на него. Тоа значи дека ќе треба да консумирате уште повеќе кофеин за да го добиете истиот ефект, но тоа ќе повлече низа други штетни ефекти.

Ако ја држите вашата доза кофеин под контрола, не мора да се грижите дека кафето ќе ви ја уништи кариерата. Шолја кафе наутро може да биде добра за вас, но ако дозволите оваа навика да ви стане зависност, може да си ја уништите продуктивноста, мотивацијата, па дури и физичкото здравје. Клучот е во умереноста.