Неопходни се одржливи земјоделски иновации за справување со климатските промени

59

Земјоделството е еден од најранливите сектори и трпи големо влијание од климатските промени. Неопходни се иновативни решенија од млади земјоделци и студенти кои би прераснале од идеа во конкретни стартап бизниси со цел негово севкупно подобрување, порачаа учесниците на форумот што го организира Земјоделскиот институт – Скопје во рамки на проектот „EIT Food Start-Up Awareness Event”.

Како што беше речено, температурата во последните 100 години се зголемила за околу еден степен, а од 2011 до 2020 година за 1,9 степени во однос на периодот пред 1990 година. Одгледувањето храна во вакви услови е голем предизвик и закана да се намали квалитетот и квантитетот на производство. Затоа, како никогаш досега, одржливите земјоделски иновации за справување со климатските промени се повеќе неопходни.

Директорот на Земјоделскиот институт, Виктор Ѓамовски оцени дека земјоделството е во центарот на климатската криза и поради неговата ранливост и како извор на емисија на стакленичките гасови, но може да биде и решение.

-Топлотните бранови, разорните шумски пожари, продолжените сушни периоди, ветриштата, бурите и поплавите станаа нова нормалност. Климатските промени и екстремните временски услови ги загрозуваат еко системите и безбедноста на храна кога глобалната побарувачка на храна расте. Земјоделството е во центарот на климатската криза, и поради неговата ранливост и како извор на емисијата на стакленички гасови, но може и да е решение за животната средина преку враќање на јаглеродот во почвата. Почвата има значителен потенцијал за складирање на јаглеродот и за ублажување на ефектите од климатските промени. Тоа значи дека климатските паметни земјоделски практики, може да бидат дел од решението. Дигиталните алатки веќе им помагаат на земјоделците.да развиваат што е можно поеколошко и поефикасно производство, рече Ѓамоски.

Според професорот Душко Мукаетов, нашата заложба е до 2030 година емисиите да се намалат за 51 отсто споредено со 1990 година или конкретно во земјоделството за околу 29 проценти.

-Според многу ниското сценарио, до 2100 година би се движеле во некоја рамка до 1,5 степени со нешто пониско во планинскиот регион на југот, според средното сценарио над два степена, а со високото сценарио ситуацијата е многу црна. Во однос на врнежите, според првото сценарио ќе има мало зголемување, но тоа да не не радува зашто режимот и распоредот ќе биде многу лош, со второто сценарио намалувањето на врнежите е до 20 отсто или 30 отсто во летните месеци, а со третото високо сценарио ситуацијата е уште полоша, информира професорот.

Промени има и во однос на третиот параметар – должина на вегетацијата.

-Според ниското сценарио вегетацијата ќе биде зголемена за 10 до 20 дена, а според високото е можно да се зголеми до 60 дена, напомена Мукаетов.

Петтата фаза на репортирање за климатските промени во светски рами укажува дека сме сведоци на нова геолошка епоха – антропоцен.

Форумот за адаптација кон климатските промени и можности за стартап бизниси во земјоделството ќе продолжи и утре, а се организира како дел од активностите во рамки на проектот „EIT Food Start-Up Awareness Event”. Проектот е финансиран од единицата на Европскиот институт за иновации и технологии (EIT Food) која, пак, е поддржанa од ЕУ.