Нето надворешниот долг на Македонија, во четвртиот квартал лани е зголемен за 183 милиони евра

Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.

 На крајот на четвртиот квартал од 2024 година: 

 На 31.12.2024 година, нето надворешниот долг изнесува 4.630 милиони евра (или 30% од БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2024 година е зголемен за 183 милиони евра, или за 4,1%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 71,7%.

Во текот на четвртиот квартал од 2024 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 193 милиони евра и изнесува 8.767 милиони евра, што претставува 56,8% од БДП за 2024 година.