Незадоволство

29

nezadovolstvo

Фото: Pixabay

Незадоволството помеѓу луѓето е сè поголемо и поголемо. Сè нешто се незадоволни, дали од животот, дали од политиката, дали од работата, но најмалку од самите себе. Или, ако се незадоволни од самите себеси, тоа е најчесто поради горенаведените работи.

Цело време се вртат во круг, а незадоволството си стои, па дури и се зголемува. Во сето ова, поентата е да се најдат мотивите за незадоволството и да се работи на нивно отстранување. За некои работи можете самите да влијаете, за некои е потребна помош, но едно е важно, незадоволството не смеете да го оставите!

Кога сме кај незадоволството на работа, истото влијае директно на вкупните перформанси на една компанија. Незадоволни работиници или ја напуштаат компанијата во потрага по подобри услови или ако останат, даваат лоши резултати. Незадоволството на работата може да се појави поради:

  • Микроменаџмент – тој е наменет за подобрување на условите за работа, но понекогаш може да ја отежне работата и да предизвика апатија. Апатјата е таа која предизвикува луѓето да се чувствуваат незадоволни.
  • Развој – ако нема развој во позицијата, после некое време, тогаш нешто не е ОК. Парите не се секогаш мотив, ама со нови работни позиции може да се случат промени. Секоја промена носи нови и интересни предизвици.
  • Несигурност – општата несигурност влијае врз незадоволството. Има некои ситуации што не зависат од вас (политика, безбедност итн.), но на нив, па макар и со мал процент, може да влијаете. Но несигурност на работната позиција може да влијае многу врз работата.
  • Лидерство – не треба да ги сакаме лидерите за да бидеме среќни, но не можеме да им веруваме ако тие се неспособни. Недовербата доведува до зголемување на незадоволството.
  • Перформанси – секој сака да биде награден и/или препознаен за придонесите во работата. Ако тоа не се случува или уште полошо, ако сите се ставаат во иста група, тогаш кај оние со добри перформанси се јавува незадоволство.
  • Комуникација – намалената или лоша комуникација има големо влијание врз моралот на вработените и нивната доверба кон компанијата и менаџментот.
  • Колеги – лошиот однос помеѓу колегите може да допринесе работата да ви одмили. На ова се надоврзува и лошата работна атмосфера.
  • Едукација – знаењето, односно незнаењето е тригер на незадоволства. Неедуциран човек е полн со фрустрации, а тоа секогаш доведува до незадоволство. Едукација луѓе, едукација!

Незадоволството е како гориво. Понекогаш може да биде контрапродуктивно, но може да биде продуктивно. Што ќе преовлада од овие две, зависи само од вас. Знаејќи дека постои, можете да ги подобрите работите или едноставно да се предадете и да живеете во незадоволство.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Калин Бабушку, можете да го поставите на Бизнис советник.