Николов: Анти рударските движења одат на штета на државата и поткрепени се од странски фактори

43

Рударскиот сектор во Македонија остана речиси нечепнат од последиците на вирусот Ковид-19, а основен аргумент врз кој го темелат очекувањето за продолжување на успехот до крајот на годината е зголемената цена на обоените метали. Оптимизам од друга страна не споделуваат во однос на можни отворања на нови рудници.

“Анти-рударското движење во Македонија кое се појави во последните 2-3 години придонесе да се намали инвестициската клима. Станавме несигурна држава за инвестирање  што е сериозен проблем ако го имаме предвид фактот дека инвестициите во рударскиот сектор се бројат во десетици и стотици милиони евра’’, вели заменик генералниот директор на рудникот Бучим и претседател на Македонската асоцијација на рударството (МАР), Николајчо Николов за Локално.

Проблем според него е и честото менување на Законот на минерални суровини кој како што вели “има парцијални и апсурдни одредби  во кои се инволвирани интереси на одредени локални средини и на политички партии“.

Сомнителна заднина препознава и во активностите на одредени еколошки невладини организации кои се противат на нови инвестиции во рударството  со како што вели, површни и несуштински аргументи и претходни анализи.

“Анти рударските движења одат на штета на државата и поткрепени се од страна на странски фактори“, дециден е Николов.