Њујорк ќе врши достава со велосипеди наместо со камиони

114

Њујорк неделава објави план за воведување на електрични велосипеди за достава коишто би требало да ги заменат возилата коишто ја загадуваат околината и така да го намалат сообраќајниот метеж.

Компаниите за достава Amazon, UPS и DHL ќе учествуваат во шестмесечната пробна програма на њујоршкото одделение за сообраќај, пренесува Њујорк Тајмс.

Со програмата ќе бидат опфатени најпрометните улици на Менхетен, а велосипедите за достава ќе може да ја користат мрежата на градската велосипедска стаза.

Стотина велосипеди ќе имаат дозвола за бесплатно паркирање во постоечките зони за истовар на роба коишто се резервирани за камиони и комбиња.

“Одделението за сообраќај е среќно што може да ја објави програмата што ќе придонесе доставите да бидат побезбедни и ‘позелени’ со поттикнување на користење на товарни велосипеди наместо камиони и комбиња“, вели градскиот комесар за сообраќај, Поли Тротенберг.

Овој потег е обид да се одговори на големите гужви коишто  ги создаваат возилата за достава поради порастот на онлајн трговијата. Околу 45% од жителите на Њујорк примаат просечно еднаш неделно пакет на домашна адреса, според податоците од 2018 година на градското одделение за промет.

Париз, Лондон и Хамбург веќе имаат воведено вакви велосипеди за достава и тој потег се покажа како успешен.

Фото: Pexels