NOA: Старт- ап што нуди аудио информации за луѓе кои немаат време да читаат весници

19

mobileФото: NOA 

Шејн Енис и Герет Хики се основачи на старт – ап компанијата NOA, којашто има цел да им овозможи на луѓето кои немаат време за читање на весници, пристап до информациите преку аудио пренос, пишува Independent.

Пред да започнат сопствен бизнис и двајцата работеле во различни компании, Енис во финансиска фирма, а Хики во сервисот eBay.

NOA, скратено од News Over Audio, од мај оваа година емитува аудио снимки од професионални спикери кои читаат одбрани статии од медиумски партнери вклучувајќи ги Independent, Financial Times и Irish Times. Bloomberg се приклучи на услугата во јуни, а основачите велат дека бројот на издавачи двојно ќе се зголеми во 2018 година.

Енис, кој има искуство со изработка на веб страни, ја креираше апликацијата којашто овозможи аудио верзија на информациите и статиите во весниците и магазините. Хики ја изгради мрежата на издавачи и инвеститори за започнување на проектот. Дел од парите ги вложиле сами, а за остатокот им помогнале инвеститори.

Моментално имаат вкупно пет соработници кои се наоѓаат во Ирска и Велика Британија, кои им ги праќаат аудио фајловите што потоа се прикачуваат на мобилна апликација за слушање. Најчесто тоа се прави во истиот ден кога веста ќе биде објавена.

Корисниците имаат пристап до неколку статии бесплатно, заедно со рекламирање, а по одредено време треба да се претплатат на услугата што чини осум евра месечно.

NOA има склучено договор со издавачи коишто ги обезбедуваат информациите и статиите за сметка на хостирање на содржината на платформата. Моментално издавачите им помагаат на основачите да ги одберат статиите коишто добро котираат онлајн, но Енис и Хики планираат да во иднина да вработат уредници.