Нобеловци предупредуваат: „Инвестирајте во храна, се соочуваме со криза“

Повеќе од 150 добитници на Нобеловата награда и Светската награда за храна во отворено писмо истакнаа дека се потребни многу поголеми инвестиции во истражувањето, производството и дистрибуцијата на храната за да се спречи глобалната криза со храна во наредните децении.

Во писмото се наведува дека околу 700 милиони луѓе денес се соочуваат со „несигурност во храната и очајна сиромаштија“, но дека доколку не се направат „невидени напори“ за производство на повеќе храна, многу повеќе луѓе ќе бидат во таква ситуација, пред сè поради климатските промени, војните и пораст на населението.

– Колку и да е тешко и непријатно да се замисли, човештвото оди кон ситуација во која до средината на векот несигурноста во храната ќе биде уште поголема, а светот ќе биде уште понестабилен отколку што е денес – се наведува во писмото потпишано од 153 добитници на двете награди, пренесува агенцијата АП.

Тие, исто така, истакнуваат дека климатските промени ќе ја намалат продуктивноста на повеќето главни намирници и дека се потребни значителни зголемувања за да се нахрани светската популација која ќе се зголеми за 1,5 милијарди луѓе до 2050 година.

– Не сме на пат да ги задоволиме идните потреби за храна. Не сме ни блиску – наведуваат лауреатите, посочувајќи на очекуваното намалување на производството на пченка во Африка и можна уште поголема деградација на земјиштето и недостиг на вода во голем дел од светот.

Драстично зголемување на производството на храна
Во писмото се истакнува дека драстичното зголемување на финансирањето за истражување заедно со поефикасни начини за споделување информации и дистрибуција на храна може да спречи криза со глад.

Добитникот на Нобеловата награда за физика за 2011 година, Брајан Шмит, изјави дека потребата за драстично зголемување на производството на храна во наредните децении е голем предизвик, но дека проблемот може да се реши преку соодветно финансирање за истражување и глобално лидерство.

Шмит рече дека се надева оти владите во САД, Европа и другите земји можат да се посветат на решавање на проблемот, но тој мисли дека приватните групи треба да преземат водство во финансирањето на почетните чекори што ќе го привлечат вниманието на политичарите и ќе ги поттикнат на акција.

Во писмото се повикуваат на „трансформациски напори“ како што се подобрување на фотосинтезата кај основните култури како пченица и ориз, развој на култури кои не се потпираат толку на хемиски ѓубрива и продолжување на рокот на траење на овошјето и зеленчукот.

Климатскиот научник на НАСА, Синтија Розенцвајг, добитник на Светската награда за храна за 2022 година, рече дека истражувачите веќе наоѓаат решенија, но нивната поширока примена бара повеќе финансии, како и светските лидери кои и даваат поголемо значење на нивната работа.