Норвешка ќе продава гас по пазарни цени

16

Норвешка планира да го задржи производството на гас на високо ниво до крајот на деценијата, но ќе го продава по пазарни цени, најави министерот за енергетика Терје Асланд.

„Очекувам дека можеме да го задржиме сегашното ниво на производство до 2030 година. Знаеме дека има проекти и планови за развој и работа кои би можеле да помогнат во одржување на високото производство на гас во иднина“, рече Осланд.

Норвешка треба да произведе околу 122 милијарди кубни метри гас оваа година, осум отсто повеќе отколку во 2021 година и потенцијално над рекордот од пред пет години, според официјалните прогнози објавени во мај, пренесe SEEbiz.

Во јануари Норвешката нафтена управа објави прогноза според која производството треба да се намали на 118 милијарди кубни метри до 2026 година.

Норвешка во моментов е најголемиот извозник на гас во Европа, бидејќи Русија го намали извозот, според Refinitiv Eikon.

Aсланд, исто така, рече дека е уште посигурен во долгорочната побарувачка за норвешки гас во Европа, откако Осло потпиша договор со Брисел во јуни, кој предвидува зголемен увоз на норвешки гас.

Норвешка веќе одговори на зголемената европска побарувачка со испраќање гас во странство, кој требаше да се пумпа назад во земјата за да се зголеми производството на нафта.

Цените на гасот во Европа годинава се зголемија речиси тројно, а Норвешка не планира да го продава под пазарната цена, како што сугерираат некои аналитичари и медиуми.

„Пазарот е генерално предвидлив. Во случај на недостиг, цените се високи, што поттикнува поголемо производство и го насочува гасот кон пазарите на кои им е најпотребен“, вели Асланд.

Тој додаде дека Норвешка не планира да воведе данок на дополнителната заработка на домашните нафтени компании.

„Во моментов не зборуваме за нови даноци. Потенцијалните дополнителни приходи на компаниите сега ги поставуваат темелите за идните инвестиции и за целата трансформација на енергетскиот сектор“, рече Асланд.

Според Ројтерс, Equinor, најголемиот државен производител на нафта и гас во Норвешка, планира да ги зголеми инвестициите во обновливи извори на енергија и технологија за ниско ниво на јаглен и да прерасне во производител на „широк спектар на енергетски производи“.

Во моментов, сепак, тие се фокусирани на зголемување на производството на јаглеводороди, со оглед на силната побарувачка во Европа.