Норвешкиот суверен фонд се повлекува од израелски компании

Норвешкиот суверен фонд за богатство, вреден две милијарди долари, објави дека ќе ги раскине договорите со сите менаџери на своите инвестиции во Израел и дека ќе продаде делови од своите средства во оваа земја.

Тие го објавија ова откако спроведоа итна ревизија минатата недела, која следеше по медиумските извештаи дека Фондот стекнал удел во израелска компанија за млазни мотори која обезбедува услуги за израелската војска.

Овој фонд, кој го управува Централната банка на Норвешка и е најголем во светот, имал удел во 61 израелска компанија од 30 јуни, но во последните денови продал удел во 11 од нив.

„Мерките беа преземени како одговор на вонредни околности. Ситуацијата во Појасот Газа е сериозна хуманитарна криза. Инвестиравме во компании кои работат во земја во војна, а ситуацијата на Западниот Брег и Газа неодамна се влоши. Како одговор на тоа, ќе бидеме дополнително претпазливи“, рече извршниот директор на Фондот, Николај Танген.

Норвешкиот инвестициски фонд забележа дека долго време обрнува внимание на компаниите поврзани со војна и други конфликти. Имено, како што наведоа, тие постојано го следат управувањето со ризиците во компаниите во областите на конфликт и почитувањето на човековите права. Станува збор за фонд кој има акции во 8.700 компании низ целиот свет.

Пред два месеци, тие одлучија да ги прекинат врските со компаниите што работат со Израел, но малку подоцна Парламентот на Норвешка го отфрли предлогот за повлекување од сите компании што работат во окупирана Палестина, пренесува Ал Џезира.