Нов тренд во Јапонија: Изнајмување автомобил за дремка или за ручек на раат

33

Јапонски компании за изнајмување автомобили открија нов тренд во нивниот бизнис. Збунети поради тоа што многу од нивните изнајмени автомобили не поминале километража, јапонските рент а кар фирми биле изненадени од тоа што нивните корисници ги користат автомобили како мирно место на коешто сакаат да побегнат од стресот што го носи секојдневието, пишува Telegraph.uk.

Наместо да го користат автомобилот што го изнајмиле за патување до планираната дестинација, многу од корисниците го користеле како приватен простор само за себе на еден или два часа.

Orix Auto Corp и Times24 Co, дел од најголемите јапонски компании за изнајмување автомобили, забележале дека минатата година, еден од осум изнајмени автомобили не одат никаде, откако биле резервирани и платени.

Анкетата на корисниците покажала дека некои резервирале автомобил за да може да отспијат за време на пауза за ручек, далеку од очите на колегите. Еден бизнисмен дури признал дека му било полесно да работи од автомобил и на предното седиште ја имал својата “канцеларија“. Друг, пак, рекол дека изнајмил автомобил за да може да седне и на мир да го изеде својот ручек.

Поголемиот дел од корисниците што не го возеле автомобилот рекле дека се решиле да изнајмат возило бидејќи се удобни и евтини, а и достапни 24 часа дневно.