Индискиот врховен суд го отфрли барањето на швајцарската фармацевтска компанија Новартис да се заштити лекот за лечење на леукемија, Гливек. Според судот, лекот не ги исполнува индиските правила за патенти, затоа што таков лек веќе постои во оваа земја. Во Индија се користи сличен лек од домашен произведувач, кој е 15 пати поевтин.
Индија во 1970 година донесе Закон за патенти, со кој, поради големата сиромаштија и тогашната интензивна политика на социјална држава, забрани патентирање на ново својство или нова употреба на позната супстанција или употреба на познат процес, машина или апарат ако не се докаже дека таквиот процес резултира со нов производ или вклучува барем еден дополнителен реактант. Благодарение на овој закон, една петтина од вкупното светско производство на генерички лекови се одвива во Индија.
Новартис уште во 2006 година сакаше да го патентира лекот Гливек, но властите го одбија барањето, со образложение дека биле направени само минимални промени во однос на претходниот состав на лекот. Компанијата се жалеше пред Врховниот суд на Индија, кој вчера ја отфрли жалбата.
Одлуката на судот ја поздравија активистите на хуманитарни организации, како и организацијата Лекари без граници, кои тврдат дека пресудата ќе спаси милиони животи поради пристапноста до евтини генерички лекови. Од друга страна, од Новартис велат дека одлуката ги ограничува иновациите.