Министерството за здравство додели 28 лиценци за отворање аптеки на руралните области во државава.
Како што информираше ресорниот министер Никола Тодоров, огласот беше објавен за 50 концесии за отворање аптеки кои ќе склучат договор со ФЗОМ, но за останатите немало доставено понуда или понудите не биле комплетни.
“Бенефит ќе имаат околу 60.000 граѓани. Станува збор за граѓани кои живеат во руралните средини и досега немале можност да имаат аптека во близина на местото на живеење или аптеките немале договор со Фондот, поради што граѓаните не можеле да ја земат терапијата со сини картони”, појасни Тодоров.
Вкупно девет концесии се доделени во Скопскиот регион, во општина Сарај лиценци за отворање аптеки има во селата Долно Свиларе, Глумово и Буковиќ, во селата Ракотинци (општина Сопиште), Кучевиште (општина Чучер Сандево), во општина Илинден, една аптека во село Петровец, како и две во Ѓорче Петров, една во општината и една во Ново Село.
Во Вардарскиот регион, во општина Неготино доделени се две лиценци, а во Демир Капија една. Во Пелагониско-полошкиот регион доделени се осум лиценци за отворање аптеки од кои две се за општина Јегуновце и по една во општина Могила, во селата Новаци, Добри Дол (Врапчиште), Форино (Гостивар), Теарце и Брвеница.
Во Северо-источниот регион аптеки ќе бидат отворени во Крива Паланка, Липково (село Матејче) и во општина Старо Нагоричане, додека во Југоисточниот регион аптеки ќе има во селата Иловица (општина Босилово) и Карбинци (општина Пехчево). Во Југозападниот регион доделена е една концесија за отворање по една аптека во општина Македонски Брод и во село Октиси/Подгорци во струшкиот регион.
Според министерот Тодоров, за дел од руралните подрачја, како што се селата Долнени, Врапчиште, Желино, Маврово и Ростуше, Богомила, Ранковце, Сарај, Мирковци, Моноспитово, Дебарца и Конче не е доставена ниту една понуда, а за Лозово го испуштиле рокот на пријавување.