Нови фискални правила на ЕУ: Секоја земја самостојно ќе го намалува јавниот долг

67

Европската комисија ја усвои реформата на фискалните правила на ЕУ, со цел да се направат неопходните промени поради зголемувањето на јавниот долг во земјите на Унијата, што е резултат на мерките за поддршка на домаќинствата и компаниите за време на пандемијата на Ковид-19.
Земјите од ЕУ сега се соочуваат со значително повисоки нивоа на долг и дефицит кои се многу различни, изјави на прес-конференција потпретседателот на Комисијата Валдис Домбровскис.

Измената предложена од Комисијата се оддалечува од сегашната обврска за намалување на годишниот долг доколку тој е над 60 отсто од БДП и треба да покаже дека владите имаат свои планови за намалување на долгот, а не да ги наметнува ЕК.

Домбровскис истакна дека доаѓаат нови предизвици, како што е зелената и дигиталната транзиција и дека прашањето за снабдување со енергија ќе бара од нас да направиме големи промени и инвестиции во годините што доаѓаат.

Тој додаде дека новите фискални правила ќе се фокусираат на намалување на долгот онаму каде што е висок, врз основа на сопствените планови на земјите-членки, кои, како што наведува, мора да ги почитуваат јасните услови на ЕУ.

Инаку, претходните правила беа дел од Пактот за стабилност и раст, усвоен во 1997 година и кој беше подготовка за воведување на еврото како заедничка валута на 1 јануари 1999 година. Целта на тие правила беше да се обезбеди земјите во Европската унија водат здрава политика за јавни финансии и ги координираат фискалните политики.

Сепак, почитувањето на тие правила за време на пандемијата беше напуштено за да не се предизвика колапс на европската економија, која мораше да се задолжува за да им помогне на домаќинствата и бизнисите.