Нови јавни огласи за нови вработувања

21

mkd-49225Агенцијата за вработување воведе нови мерки за зголемување на вработеноста. Јавениот оглас се однесува до невработени лица за вработување со субвенционирање, субвенционирање на вработување на деца без родители и родителска грижа, како и јавни огласи за кредитирање на невработени лица и кредитирање на правни субјекти – микро и мали претпријатија.

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, ги повика сите заинтересирани невработени лица, но и заинтересирани работодавачи внимателно да ги погледнат огласите и доколку се пронајдат во некоја од мерките да аплицираат.

Рокот за пријавување е до 20-ти мај 2013 година.

Јавниот оглас за невработени лица за вработување со субвенционирање се однесува на две категории евидентирани невработени лица. Првата категорија се лица коишто потешко се вклучуваат на пазарот на трудот, како што се корисниците на социјална парична помош, родители со четири и повеќе малолетни деца, лица на возраст од 30 до 49 години, лица под суспендијарна заштита, млади брачни двојки со или без деца до 45 годишна возраст, возрасни лица од 50 до 59 години, корисници на паричен надоместок по основа на невработеност, долгорочно невработени (над една година евидентирани во Агенцијата за вработување) млади лица до 29 годишна возраст.

Финансиската поддршка за работодавачите за вработување на невработени лица од наведените целни групи опфаќа исплата на бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за едно невработено лице за период од шест месеци, со обврска работодавачот да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци, односно вкупно 18 месеци.

Втората категорија се евидентирани невработени лица од неколку други ранливи групи, како што се жртви на семејно насилство, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, Роми, осудени лица по отпуштање од казнено поправна установа и други.

Финансиската поддршка за работодавачите за вработување на овие лица опфаќа исплата на бруто плата во износ од 14.000 денари месечно за едно невработено лице и 3.000 денари месечно по лице како партиципација на трошоците за прилагодување на лицето во работниот процес за период од шест месеци, со обврска работодавачот да го задржи лицето на работа најмалку уште 12 месеци, односно вкупно 18 месеци.

Во вториот оглас кој е наменет за ангажирање на лицата коишто имаат статус на деца без родители и родителска грижа, финансиската поддршка за работодавачите за вработување на лицата со ваков статус, предвидува нивно стимулирање преку обезбедување на плата во висина на минимална плата, и тоа: 100% во првите 12 месеци, а во следните 12 месеци 100% од износот на минималната плата во нето износ и 50% од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани во минимална плата.

Младите лица до 27 години кои биле корисници на паричен надоместок по основ на невработеност и во моментот на поднесување на барањето за кредит имаат користено паричен надоместок најмалку 6 месеци, како и лицата на возраст над 55 години може да добијат кредитни средства под следните услови:

За дејности од помал обем за секое новоотворено работно место по 3.000 евра при што ќе се финансираат проекти со најмногу три работни места, односно до 9.000 евра;

За дејности од поголем обем за кредитобарателот 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 17.000 евра.

Рок на враќање на средствата е три години со вклучен грејс период од една година за кредит до 9.000 евра, односно пет години со вклучен грејс период од една година за кредит над 9.000 евра.

Четвртиот оглас се однесува на Проектот за кредитирање на правни субјекти – микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места. Кредитот изнесува 3.000 евра во денарска противвредност по едно новоотворено работно место со максимален износ до 9.000 евра за три новоотворени работни места. Правниот субјект којшто ќе го вработи невработеното лице има обврска да го задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновање на работниот однос или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на Агенцијата за вработување во спротивно треба предвреме да го врати кредитот во целост.

Министерот Ристовски апелираше до сите евидентирани невработени лица, како и до компаниите што се заинтересирани да ги користат овие субвенции да ги поднесат своите апликации во 30-те Центри за вработување во Република Македонија.