Новиот лидер на Велика Британија ќе се соочи со најголемиот државен долг

65

Британскиот државен долг минатиот месец го достигна највисокото ниво во последните 60 години, а продажбата на мало опадна, нагласувајќи го обемот на економските предизвици со кои се соочува наследникот на премиерката во заминување Лиз Трас по неуспехот на нејзиниот финансиски план.

Јавниот долг на Велика Британија се зголеми на 98 отсто од БДП во септември, откако инфлацијата ги зголеми плаќањата на каматите, соопшти  Канцеларијата за национална статистика.

Продажбата на мало опадна два последователни месеци и сега е 1,3 отсто под нивото пред пандемијата.

Процесот на избор на трет премиер за помалку од четири месеци започна откако Трас беше принудена да поднесе оставка по неколкунеделните превирања поради нејзините економски планови.

Првата задача на новиот шеф на владата ќе биде да го врати нејзиниот кредибилитет бидејќи одлуката на поранешната премиерка да ги намали даноците за 45 милијарди фунти (50 милијарди евра) без да прецизира како ќе ги надомести, поттикна загриженост за растечкиот национален долг.

Министерот за финансии Џереми Хант, кој ја презеде функцијата минатата недела, промени голем дел од економската програма на поранешниот премиер и вети дека долгот ќе почне да паѓа во наредните години.

Тоа ги стабилизираше финансиските пазари, но дури откако плановите на Трас ја срушија фунтата на рекордно ниско ниво, ги загрозија пензиските фондови и ги зголемија трошоците за задолжување и на владата и на граѓаните, особено на милиони сопственици на куќи.

Владата веќе вети дека ќе потроши 60 милијарди фунти (60 милијарди евра) за заштита на домаќинствата и бизнисите од високите цени на енергијата, со барања за зголемување на социјалните бенефиции и пензиите бидејќи инфлацијата достигнува највисоко ниво во последните 40 години од 10,1 отсто.

Нивото на долгот е повисоко отколку што беше од 1963 година, кога Велика Британија сè уште ги отплаќаше долговите од Втората светска војна.