Ново работно опкружување: Шест типови на колеги за кои „не сте знаеле дека постојат“

300

Некогаш беше очигледно што е тоа што вработените го сакаат од работата. Пред пандмијата, поголемиот дел прифаќаа дека целта на секој висококвалификуван вработен во канцеларија – да напредува на корпоративната скала што е можно побрзо.

Тоа посебно е изразено во САД, каде има голема конкуренција и нагласен натпреварувачки дух. Сепак, повеќе не е така. WSJ пишува дека пандемијата ги „расветли“ шестте типови на работници, т.е. луѓето кои сега можат да се сретнат во работното опкружување.

Потребите и приоритетите се промениле за многу професионалци. Една студија објавила дека 54 % од Американците моментално ги преиспитуваат своите животни приоритети – вклучувајќи 20 % од оние кај кои тоа започнало токму како последица на пандемијата.

Слична е ситуацијата и во Велика Британија. Повеќе од три четвртини од Британците рекле дека размислуваат за големи животни промени, од преселување преку напуштање на работните места, до прекинување на врските.

Многумина вработени, дури и оние „во најдобрите години“, во смисла на работата, напредувањата и заработката, можеби повеќе не ги делат истите амбиции и менталитет во поглед на напредувањата, односно сега работите помалку ги земаат „здраво за готово“.

Шестте типови на работници

Амбициозни вработени

Ако сте лидер, веројатно ќе знаете кои ваши вработени се амбициозни, бидејќи пандемијата ја поминале дуплирајќи ги тие напори. Тие се фокусирани на својата работа и сакаат да напредуваат. За да ги задржите, покажете интересирање за нивното тежнеење во кариерата и развојот. Прашајте ги конкретно за нивните идни цели и помогнете им да развијат план за негување на потребните вештини и искуства.

Хобијата и семејството, пред сè

Овие вработени се одлучиле да им дадат приоритет на аспектите од својот живот вон работата. Било да е нивниот фокус на семејството, заедницата или хобијата, нивна цел е да имаат постојана плата и работа која е поднослива и која е избалансирана со областите до кои им е навистина грижа.

За да ги задржите, сфатите дека никогаш нема да се претворат во оние кои „грабаат“ и прифатете ги поради постојаноста која, сепак, можат ја донесат.

Професионалци со „дупли должности“

Негата и грижата отсекогаш биле реалноста за многу работници кои морале да балансираат помеѓу аспирациите во кариерата и одговорноста во домот.

Според една септемвриска студија, 48 % од жените рекле дека ковидот негативно влијаел на нивниот пат во кариерата. За работодавачите е важно да сфатат дека ова не е трајна ситуација и дека овие работници треба да се третираат поинаку од оние од претходните групи. Овие работници, се додава, се амбициозни и сакаат да напредуваат, но се соочуваат со привремени предизвици кои со текот на времето ќе се решат. Се покажа дека дури 78 % од анкетираните жени бараат поголеми можности за напредување во кариерата.

Работници кои очајнички сакаат да се поврзат

Многумина вработени кои живеат сами и ја поминале пандемијата во релативна самотија, можеби, денес сакаат да работат за да обезбедат меѓучовечка интеракција. Други, можеби, чувствуваат дека биле доста со своите семејства во изминатите две години, но сега кога децата се повторно на училиште – едвај чекаат да побегнат „назад“ во канцеларија. Во секој случај, лидерите треба да сфатат дека значаен мотиватор за овие вработени, барем засега, е социјалниот аспект.

Бараат друштво, платата им е помалку важна

Нив им е важно работното опкржување, поврзувањето со другите и учење на нови работи.

Работодавачите треба да ги препознаваат различните мотиви. Дури и ако целта на овие работници не е да се „качат“ во рангот на вишото раководство, не треба да се третираат неадекватно. Тие можат да бидат многу попродуктивни, ако лидерите водат сметка да ја препознаат нивната централна мотивација, а тоа не е платата.

Дезориентирани нови вработени

Како што се одолговлекуваше пандемијата, а работата на далечина стануваше сè попозната, а компаниите бараа работници – имаше прилив на нови, но често збунети луѓе. Се разбира, тие дадоа се од себе за да се вклопат во деловната култура на компанијата, анализирајќи ги моделите на тимска комуникација и динамиката на моќта, но тоа едноставно не е така лесно – особено на далечина. Многу е потешко да се разберат работите виртуелно и да се чувствувате поврзани. Мудрите лидери веројатно се обиделе да ги натераат да се чувствуваат добредојдени и вклучени.