Nvidia влегува на германскиот пазар со големи проекти за вештачка интелигенција

„Дојче Телеком“ и „Нвидија“ ќе ги здружат силите за да изградат индустриски облак за вештачка интелигенција во Германија за европски производители, прв од ваков вид, објавија компаниите во петокот.

Според заедничкото соопштение, имплементацијата на овој проект е закажана најдоцна до 2026 година.

Извршниот директор на „Нвидија“, Јенсен Хуанг, ја објави локацијата во Германија претходно оваа недела, а во петокот се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Нвидија ќе обезбеди 10.000 чипови за проектот, додека Deutsche Telekom ќе обезбеди инфраструктура и ќе биде одговорна за центрите за податоци, операциите, продажбата, безбедноста и решенијата за вештачка интелигенција, се наведува во соопштението за медиумите.

„Инвестициите во стратешка инфраструктура за вештачка интелигенција се од клучно значење за иновативната сила на нашата земја“, рече Мерц по средбата со Хуанг.

„Изрично го поздравуваме ангажманот на Нвидија и нејзините партнери. Оваа соработка може да биде важен чекор кон дигиталниот суверенитет и економската иднина на Германија“, додаде тој.

Фото: Pixabay