Објавен нов повик од ИПАРД II, на располагање 9,6 милиони евра

111

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски денеска го најавија новиот повик од ИПАРД II програма

Станува збор за Јавен повик за мерка 7 Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси преку којшто во наредниот период на микро и малите претпријатија на располагање им се 9,6 милиони евра за реализација на инвестиции во повеќе сектори.

“Средствата од овој jавен повик се наменети за поддршка на инвестиции кои ќе придонесат за да стимулираме развој на економски активности во руралните средини и руралниот туризам. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9.6 милиони евра, со можност во текот на јавниот повик, износот да се зголеми. Средствата се обезбедни со поддршка од 75% од ЕУ фондови и 25% национално ко-финансирање, а вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата, нема да ја надминуваат границата од 65%. Со реализацијата на овој јавен повик, целосно ќе ги искористиме средствата кои ни се располагање од ИПАРД II Програмата“, изјави министерот Хоџа.

Тој додаде дека искористувањето на финансиските средства од Европската Унија во земјоделството и руралниот развој, се на највисоко можно ниво од почетокот на ИПАРД Програмите кај нас.

“Ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите од Западен Балкан, кориснички на ИПАРД. Европската Комисија по извршениот мониторинг, во последниот извештај за реализација на програмите за економски реформи ја издвои Република Северна Македонија како најуспешна. Ние го добивме највисокиот индекс на успешност во споредба со земјите од регионот, во однос на степенот на искористеност на ИПАРД II. Оваа година е трета по ред, во која имаме максимална искористеност и нема да враќаме неискористени средства“, рече тој.

Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, истакна дека главната цел на оваа мерка е поттикнување на вработувањата и зголемување на економската активност во руралните средини, преку развој и промоција на руралниот туризам, зачувување и развивање на занаетчиските активности и мотивирање на руралното претприемништво.

“Приоритетни сектори кои се поддржани од оваа мерка се инвестициите во алтернативното земјоделско производство, инвестициите во производство на прехранбени и непрехранбени производи, инвестициите во занаетчиските дејности, инвестиции во услуги за руралното население и инвестициите во руралниот туризам. Како корисници на мерка 7 се прифатливи и физичките и правните лица кои спаѓаат во рангот на микро и мали претпријатија. Висината на финансиската поддршка се движи од 1.500 до 1.000.000 евра, не вклучувајќи го данокот на додадена вредноста, а повратот на инвестициите е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци. Проектираниот буџет за оваа мерка е 9,6 милиони евра, со можност за негова екстензија. Ова се сериозни средства кои ќе имаат директен импакт врз развојот на постојните, како и отворањето на нови мали и микро претпријатија кои се главните мотори на домашната економија“, истакна директорот на АФПЗРР, Бачовски.

На последниот повик, преку мерка 7 склучени се 80 договори со вкупна поддршка од 8,5 милиони евра. Овие договори се зачеток на нови инвестиции во земјоделството, нови индустриски капацитети во руралните средини, нови сместувачки и угостителски комплекси кои ја збогатуваат лепезата на домашната туристичка понуда.

Досега се веќе исплатени 30% од средствата на Програмата, а потпишани се договори за речиси 80% од средствата.

Во тек се и активности за подготовка на новата ИПАРД Програма 2021-2027 или ИПАРД III, преку која се очекува Република Северна Македонија да добие за 60% повеќе средства во споредба со ИПАРД II.

Крајниот рок за поднесување барања е заклучно со 22 август 2021 година. Сите заинтересирани, потребната документација може да ја симнат од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk.

Фото: Pixabay