
Од 1 јули, на островите Санторини и Миконос ќе се наплаќа такса од 20 евра по патник, пишува британскиот „Експрес“. Оваа такса важи за време на шпицот на сезоната, помеѓу 1 јуни и 30 септември. Во другите грчки пристаништа, таксата е пет евра по патник.
Во предсезоната (април, мај) ќе биде три евра, додека вонсезоната (од 1 октомври до 31 мај) ќе се намали на само едно евро.
Данокот беше воведен за да се ублажат ефектите од масовниот туризам во Грција, особено на Санторини и Миконос. Минатата година, на пример, во текот на еден ден на Санторини, се очекуваа дури 17.000 посетители на крстосувачки бродови, поради што од локалното население беше побарано да ги ограничи своите движења.
Грчката национална туристичка организација (GNTO) соопшти дека данокот ќе помогне „да се поддржи инфраструктурата на најпосетуваните острови во Грција и ќе се обезбеди локалните заедници да имаат подиректна корист од туризмот со крстосувачки бродови“.
Додаде дека надоместокот „ја одразува потребата за поодржлива рамнотежа помеѓу бројот на посетители и капацитетот на популарните дестинации како што се Санторини и Миконос, а воедно да се зачува квалитетот на туристичкото искуство“.
Приходите од овој надоместок ќе бидат насочени кон зајакнување на локалната инфраструктура, ублажување на влијанието на туризмот врз животната средина и зачувување на природната убавина и културно-историското наследство на островот.
Сè уште не е јасно како ќе се наплаќа данокот, дали ќе го плаќаат самите компании за крстарење или директно патниците. Данокот веројатно ќе биде вклучен во вкупната цена на аранжманот за крстарење, пишува Б92.
Воведувањето на овој данок претставува важен чекор во напорите на Грција да се справи со негативните последици од масовниот туризам и да поттикне поодржлив пристап кон туризмот.
Исто така, беше забележан пад од 30 проценти на пристигнувањата на Санторини во првите шест месеци од 2025 година.