
Некогаш скромен водоинсталатер од малото гратче Фелчут, денес најбогатиот Унгарец – Лоринц Мешарош е еден од најинтересните примери за молскавичен подем на бизнис сцената во Централна Европа. Според најновите проценки, неговото богатство се искачува на повеќе од 1,5 милијарди евра, со што се позиционира како апсолутен број еден меѓу унгарските бизнисмени.
Од цевки до милијарди
Роден во 1966 година, Мешарош ја започнал својата кариера како обичен водоводџија. Сè се менува во 2010-тите, кога започнува подемот на неговите компании – паралелно со доаѓањето на власт на неговиот близок пријател од детството, унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Градежништво, енергетика, медиуми
Денес, неговата империја вклучува градежништво, енергетика, туризам, земјоделство и медиуми. Преку компанијата Mészáros és Mészáros Kft. и холдинг компанијата „Опус Глобал“, Мешарош доби профитабилни државни договори вредни стотици милиони евра, особено во областа на инфраструктурата и енергетиката.
Една од најголемите задачи беше реконструкцијата на железничката линија помеѓу Будимпешта и Виена, а Мешарош влезе и во бизнис со обновливи извори на енергија, што дополнително ги зголеми неговите приходи, Пренесув Телеграф.рс.
Медиумски тајкун
Во последните неколку години, тој стана и медиумски могул – купи бројни локални и национални медиуми кои ги поддржуваат политиките на Орбан, со што го консолидираше своето влијание не само во економијата, туку и во јавната сфера.
Вила до вила, јахта до јахта
Денес Мешарош живее како вистински европски милијардер – поседува луксузни вили, јахта вредна повеќе од 20 милиони евра и вози најскапи автомобили.
Во исто време, инвестира во луксузни хотели и спа центри низ цела Унгарија, но и во странство.