
Од брегот на Охридското Езеро, премиерот Христијан Мицкоски денеска го пушти во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Св. Наум, проект кој долго време беше запоставен, а кој сега значително ќе ја подобри поврзаноста и безбедноста во регионот.
Со инвестиција од 11,7 милиони евра, беа реконструирани 24,3 километри од патот, вклучувајќи целосна санација на коловозот, нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Заедно со тоа, се реализираа заштитни интервенции на ризичните косини со цел да се обезбеди долготрајност и сигурност на сообраќајот.
Во моментов се реализираат и други клучни инфраструктурни проекти во регионот, меѓу кои автопатот Кичево – Охрид, како и делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, и подготовките за Букојчани – Кичево, што значително ќе го подобрат транспортниот прстен во Западна Македонија.
Премиерот потенцираше дека инфраструктурата не претставува трошок, туку инвестиција која отвора можности за развој на туризмот, економијата и креирање нови работни места.
„Во оваа година имаме значителен раст на туристичкиот сектор, со повеќе од 20% зголемен број на странски туристи во април споредено со минатата година, а и бројот на преноќувања бележи сличен раст“, рече Мицкоски.
Новопуштениот пат ќе ги поврзе туристичките капацитети и плажите на јужниот дел од Охридското крајбрежје со манастирскиот комплекс Св. Наум, еден од најзначајните духовни и културни центри на Балканот, и ќе ја олесни поврзаноста и со соседна Албанија.
„Охрид, како град под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно станува пристапна европска дестинација. Го поврзавме со светот преку нови авио линии, а сега овозможуваме и подобра сообраќајна инфраструктура“, нагласи премиерот. Охрид заслужува, Македонија заслужува, а ние сме тука да го изградиме она што долго време беше запоставено“, порача тој.