Од денеска, вкупно 352, од кои 218 генерички и 134 оригинатори и иновативни лекови, се продаваат по намалени цени, информираше денеска министерот за здравство, Никола Тодоров. Со ова, петто поевтинување на лековите, намалени се цените на вкупно 3.000 лекови, со што се заштедени над 30 милиони евра.
Намалување на цените има кај речиси сите групи на лекови, особено кај антинеопластици и имуномодулатори, лекови за висок крвен притисок, аналгетици, антибиотици, антимикробни лекови, седативи, антивирусни лекови, антиревматски и др.
Просечното намалување кај генеричките лекови изнесува 18,42%, а проценетата заштеда годишно изнесува околу 2,1 милиони евра.
Најголемо намалување кај генеричките лекови има кај лековите за карцином Иронетоцан од 100 милилитри, и тоа за 64,44 %, односно од 8.450 на 3.004 денари и Гемцитабин од 1г од 7.861 на 3.990 денари, како и кај лекот Фентанил од 3.970 на 1.968 денари.
Просечното намалување на цените кај оригинаторите и иновативните лекови, пак, е 6,44%, односно 368 денари, а годишната заштеда е околу 1,1 милиони евра.
Намалувањето на цените на лековите е направено согласно измените на Законот за лекови и донесената методологија за начинот на формирање на цените на лековите што ќе се прави два пати годишно, во март и октомври.