ОЕЦД: Повеќето водечки економии се уште го надополнуваат заостатокот од пандемијата

23

Економската активност во повеќето големи економии е се уште послаба отколку што беше пред пандемијата и покрај забрзаниот раст во вториот квартал, објави во понеделникот Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Вкупниот бруто домашен производ (БДП) на земјите -членки на ОЕЦД остана 0,7 проценти послаб отколку на крајот на 2019 година, непосредно пред да биде прогласена пандемијата на коронавирус, се вели во најновиот извештај на Организацијата.

Се задржа под нивото пред пандемијата и покрај растот од 1,6 проценти во седумте најголеми светски економии (Г7) во вториот квартал, значително побрзо отколку во првите три месеци од оваа година, кога активноста се зголеми за 0,4 проценти.

ОЕЦД укажува на значителни разлики во групата „седум најголеми“, како што се нарекуваат во ОЕЦД, при што британската економија најбрзо расте во периодот од април до јуни, со стапка од речиси пет проценти. За споредба, скоро два проценти падна во првите три месеци.

Германската и американската економија пораснаа за 1,6 проценти, додека Канада беше единствената во Г7 што запиша пад, покажува извештајот на ОЕЦД.

Од друга страна, Франција и Јапонија забележаа слаб раст на економската активност од 0,9 и 0,3 проценти, соодветно.

Набљудувано во споредба со периодот пред пандемијата, најлош е британскиот БДП, кој и покрај заздравувањето, остана во дефицит од 4,4 проценти на крајот на јуни. Следи Италија, чија економија е намалена за 3,8 проценти од нивото пред пандемијата.

Спротивно на тоа, најголемата светска економија, САД, се врати на нивоата пред пандемијата, се вели во извештајот.

Иако глобалниот БДП се очекува да порасне силно оваа година, и Светската банка и ОЕЦД предвидуваат дека растот ќе биде „нерамномерен“, укажувајќи на заостанувањето на помалку богатите економии и оние зависни од туризмот.

ОЕЦД предупреди пред три недели дека поради „континуираната неизвесност“ создадена од пандемијата, најголемите економии можат барем да очекуваат „умерен раст“ на активноста во наредните месеци.