Ogledalo Firme – српски проект за анонимно споделување на информации за компании

26

Working-on-laptopOgledalo Firme е проект чијашто цел е да им овозможи на вработените во Србија анонимно да споделат со другите како се чувствуваат на работното место, пишува BIZLife.

На веб страната може да се споделат или само да се погледнат информациите за компаниите во Србија било да се добри или лоши. Корисниците можат да дадат оценки за своите менаџери, да споделат информација за платите на одредени позиции во компанијата и слично.

Во базата на оваа интернет страница моментално има над 3.500 компании од цела Србија.

ogledalo firme

“Бројот на фирми се зголемува секојдневно, како и бројот на корисници. Идејата на интернет страницата е овој систем да ги мотивира и на секој можен начин да влијае лошиот систем на работа во Србија да се унапреди и да се подобри односот на вработените и работодавачите. Друга цел е оние луѓе кои сакаат да се вработат да добијат пореална слика за она што ги очекува во фирмата во којашто бараат работа“, вели основачот на Ogledalo Firme, Александар Трниниќ.

Еден од најголемите проблеми, според него, е малата плата за којашто редовно се коментира на страната, додека домашните ИT компании се едни од ретките каде работата е стабилна и коментарите позитивни.

На страната не се објавуваат коментари коишто ја нарушуваат приватноста на компанијата и ги откриваат нејзините деловни тајни. Исто така, не се дозволени никакви анонимни анкети од страна на самата компанија.