Oхрабрени од американскиот закон за намалување на инфлацијата, германските компании сакаат да го префрлат производството во САД

40

Германските компании, судејќи според истражувањето на Германската трговска и индустриска комора (ДИХК), се заинтересирани за префрлање на производството во САД, охрабрени од американскиот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА) со кој администрацијата на претседателот Џозеф Бајден сака да промовира „ зелени“ технологии.

Според објавеното истражување на ДИХК, во кое учествувале 2.400 компании од сите сектори, една од десет компании веќе планира да го префрли производството во други земји, а Северна Америка и особено САД се сè попопуларни, пренесува Ројтерс.

Истражувањето покажува дека 23 отсто од производителите и добавувачите на возила размислуваат да го преселат производството.

ЕУ е загрижена дека барањата за содржината на локалното производство, кои се однесуваат на голем дел од субвенциите од 369 милијарди американски долари покриени од ИРА,  ќе ги поттикне европските компании да се преселат во САД.

Според истражувањето на ДИХК, поголем од вообичаениот број компании од областа на машинството и компании од хемиската индустрија и секторите за производство на пластика размислуваат за преместување на производството.

Во друго истражување на Германската стопанска комора, 17 отсто од германските компании во САД размислуваат да го зголемат нивото на инвестирање во таа земја.

„Поради ИРА, изградбата на фабрика за електрични возила во САД стана многу привлечна“, рече извршниот директор на Audi, Маркус Дизман.

Компанијата Тесла го намали обемот на планираното производство на батерии во фабриката во Бранденбург, Германија и даде приоритет на производството во САД, токму поради законот за намалување на инфлацијата.

ИРА содржи 500 милијарди долари нови трошоци и даночни кредити кои, меѓу другото, имаат за цел да ги зголемат инвестициите во домашното производство, да користат чисти извори на енергија, да ги намалат трошоците за здравствена заштита и да ги зголемат даночните приходи.