ОН дадоа седум препораки за управување со вештачката интелигенција

40

Советодавното тело на Обединетите нации за вештачка интелигенција го објави својот конечен извештај, во кој предлага седум препораки за управување со вештачката интелигенција и справување со ризиците поврзани со неа.

Минатата година, ОН формираа советодавно тело од 39 членови за решавање на прашањата за меѓународното управување со вештачката интелигенција. За препораките ќе се разговара на самитот на ОН што ќе се одржи во септември.

Советодавното тело, пишува Ројтерс, повика на формирање панел кој ќе обезбеди непристрасно и доверливо научно знаење за вештачката интелигенција и ќе ги реши информациските асиметрии меѓу лабораториите за вештачка интелигенција и остатокот од светот. Од објавувањето на ChatGPT, кој е поддржан од Microsoft, употребата на вештачка интелигенција брзо се прошири, предизвикувајќи загриженост за ширење на дезинформации, лажни вести и кршење на авторските права.

Само мал број земји имаат донесено закони за регулирање на ширењето на алатките за вештачка интелигенција.

Европската унија го предводи патот во донесувањето на сеопфатен Закон за вештачка интелигенција, во споредба со американскиот пристап, кој се заснова на доброволно усогласување, додека Кина се обидува да ја одржи социјалната стабилност и државната контрола.

САД беа меѓу околу 60 земји кои на 10 септември поддржаа „акционен план“ за одговорна употреба на вештачка интелигенција за воени цели, додека Кина не го поддржа овој правно необврзувачки документ.

Развојот на вештачката интелигенција во рацете на неколку мултинационални компании претставува опасност технологијата да им се наметне на луѓето без нивно учество во одлучувањето за нејзината употреба, се вели во соопштението на ОН.

Тие, исто така, препорачаа нов политички дијалог за управување со вештачката интелигенција, создавање на размена на стандарди за вештачка интелигенција и глобална мрежа за развој на капацитети за вештачка интелигенција за да се зголеми капацитетот за управување.

Меѓу другите предлози, ОН сакаат да основаат глобален фонд за вештачка интелигенција за да се решат празнините во капацитетите и соработката.

Тие, исто така, се залагаат за формирање на глобална рамка за податоци за вештачка интелигенција за да се обезбеди транспарентност и одговорност. Конечно, извештајот на ОН предложи формирање на мала канцеларија за вештачка интелигенција за поддршка и координација на спроведувањето на овие предлози.