ОПЕК повторно ја намали прогнозата за раст на побарувачката на нафта во 2024 и 2025 година

97

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во последниот ноемвриски месечен извештај, повторно ја намали прогнозата за раст на глобалната побарувачка на нафта во 2024 и 2025 година.

Како што е наведено, ОПЕК ја ревидираше својата прогноза за побарувачката на нафта четврти пат по ред.

Нафтениот картел сега очекува глобалната побарувачка на нафта да се зголеми за 1,82 милиони барели дневно оваа година, што е намалување од октомвриската проценка за раст на побарувачката од 1,93 милиони барели дневно.

Ревидираниот раст на глобалната побарувачка првенствено е последица на послабата побарувачка за енергетски производи во Кина, но и во Индија и другите азиски и африкански пазари.

Како што е наведено, ОПЕК предвидува дека растот на кинеската побарувачка за нафта оваа година ќе достигне 450.000 барели дневно, што претставува пад во споредба со октомвриската проценка за раст на побарувачката од 580.000 барели дневно.

Споменатиот раст на побарувачката е сè уште над историскиот просек на раст на побарувачката од 1,4 милиони барели дневно, забележан пред пандемијата на корона вирусот, објави виенскиот нафтен картел.

ОПЕК, исто така, малку ја ревидираше надолу прогнозата за раст на побарувачката на нафта во 2025 година од 1,64 милиони барели дневно на 1,54 милиони барели дневно.

Истовремено, во прогнозата се додава дека светскиот економски раст годинава ќе изнесува 3,1 отсто, а во 2025 година благо ќе се намали на три отсто.

Според прогнозите, Соединетите Американски Држави очекуваат економски раст од 2,7 отсто во 2024 година и 2,1 отсто во 2025 година, додека еврозоната ќе треба да се задоволи со поскромниот раст од 0,8 отсто оваа година и 1,2 отсто следната година.

Кина ќе забележи раст на БДП оваа година за 4,9 отсто во 2024 година и 4,7 отсто следната година, а Индија за 6,8 отсто оваа година и 6,3 отсто во 2025 година, тврди ОПЕК на својата веб-страница.