ОПЕК+ се согласи да го одржи обемот на производство за првиот квартал од 2026 година

Нафтениот картел ОПЕК+ во неделата се согласи да ги одржи сегашните нивоа на производство во првиот квартал од 2026 година, што е знак дека клубот ја забавува борбата за удел на глобалниот пазар поради загриженоста дека цените наскоро би можеле да паднат поради прекумерна понуда.

Клубот ОПЕК+ ги обединува земјите што произведуваат околу половина од глобалното производство на нафта, а нивниот последен состанок доаѓа во време кога САД презентираат нов обид за склучување мировен договор меѓу Русија и Украина – што значи дека во случај на договор и ублажување на санкциите против Русија, на светскиот пазар би можеле да има поголеми количини нафта.

Но, ако мировниот договор пропадне, руското производство би можело дополнително да се намали со нови санкции. ОПЕК+ собира 12 земји како полноправни членки, а плусот во името ги претставува нивните сојузници, предводени од Русија. Цената на барел сурова нафта од типот Брент во петокот го заврши денот на околу 63 долари – пад од 15 проценти од почетокот на годината.

„Пораката од таа група е јасна: стабилноста е поважна од амбицијата, во време кога прогнозите за движењата на пазарот нагло се влошуваат“, рече Хорхе Леон, поранешен функционер на ОПЕК, кој сега е раководител на геополитичката анализа во „Ристад енерџи“.