
Извршниот директор на UniCredit, Андреа Орсел рече дека можеби ќе треба да почека до 2027 година пред да одлучи за потенцијално купување на германската Commerzbank, бидејќи германскиот план за повисоки буџетски трошоци ја зголеми цената на акцијата на германската банка, што предизвика преглед на вредноста на потенцијалното преземање.
UniCredit, главно користејќи деривати кои сака да ги претвори во акции, достигна речиси 30 проценти од акциите во Commerzbank од почетните девет проценти. Преземањето на тој удел веќе има одобрение од Европската централна банка, а сега се чека ставот на германскиот регулатор кој би требало да го даде до средината на април.
„Кога купувавме, вредноста на банката се удвои и потоа се враќате на деталите за тоа која е цената“, рече Орсел на финансиската конференција во Лондон, додавајќи дека нов поттик за растот на цената на акциите на Комерцбанк сега доаѓа од германските планови за трошење.
„Можам да седам и да чекам до крајот на 2027 година“, тврди Орсел. Според него, тој сега е помалку оптимист за спојувања и преземања во европската банкарска индустрија поради должината на времето што е потребно за да се одржи таков процес.
Тој истакна дека сега UniCredit треба да чека дозвола од германскиот регулатор, но и да стапи во разговори со новата германска влада, која, како што вели, е против преземањето.
Тој не очекува расчистување на ситуацијата пред септември или октомври.
„Тоа е многу време, многу неизвесност“, Ројтерс го цитира Орсел.
Тој најави дека Уникредит може да ги зголеми инвестициите во својот германски бизнис бидејќи зголеменото буџетско трошење ја подобрува економската перспектива на Германија.