Основни поими во осигурувањето

407

Осигурувањето е економска категорија којашто потекнува од потребата имотот, добрата, животот и здравјето на луѓето да бидат осигурани. Осигурувањето е институција којашто има за цел обесштетување на лица кои се жртви на штетни настани под дејство на различни природни сили или несреќни случаи. Со креирање на осигурителните дејности овозможено е нудење на економска заштита на сите поединци кои претрпеле штета. На тој начин е формирана заедницата на потенцијално загрозени поединци кои со плаќање на премија формираат капитал со којшто располага осигурувачот, чија обврска е, во случај на настанување на штетата, да го исплати надоместокот на договореното осигурување.

Основни поими во осигурувањето

Бруто премија – претставува вкупната премија пресметана според соодветната класа на осигурување со предвидените доплатоци и попусти. Според Законoт за супервизија на осигурувањето, тоа е премија за осигурување којашто се состои од техничка премија и дел на премијата за вршење на дејноста на осигурувањето.

Фукционална премија – претставува премија за извршување на функцијата осигурување.

Полисирана премија – претставува премија којашто е наведена во полисите за осигурување и таа е еднаква на бруто премијата за осигурување.

Фактурирана премија – претставува премија којашто се фактурира за осигуреникот.

Наплатна премија – претставува премија којашто е наплатена било да е фактурирана било одеднаш да се наплати или на дефинирани рати. Во категоријата наплатена премија влегува целата полисирана и фактурирана премија за која има обезбедени сигурни инструменти за наплата.

Технички резерви – претставуваат резерви во чиј состав влегуваат преносните премини и резервираните штети и истите не влегуваат во составот на гарантираните резерви и резервите на сигурност.

Резерви на сигурност – претставуваат средства наменети за покривање на обврските од договорите за осигурување. Друштвото за осигурување е должно во резервите на сигурност да издвојува најмалку една третина од остварената добивка искажана по годишна сметка, ако добивката не се користи за покривање на загубите од претходните години. Друштвото за осигурување што формирало резерви на сигурност најмалку во висина на 50% од остварената просечна премија на осигурување во последните две години, при што премиите од претходните години се зголемуваат за индексот на порастот на цените на масло, сметајќи ја и годината за која се распоредува остверената добивка, не е должно да издвојува од добивката во резервите на сигурност.