
Странските директни инвестиции во Соединетите Американски Држави нагло се намалија во првиот квартал, покажаа податоците на Министерството за трговија, што ја одразува неизвесноста создадена од најавените нови тарифи.
Странските директни инвестиции во првиот квартал со тоа достигнаа 52,8 милијарди долари и беа за 34 проценти помалку од ревидираните речиси 80 милијарди долари во претходните три месеци, објави Министерството за трговија во вторник.
Вредноста на инвестициите на почетокот на оваа година е најниска од четвртиот квартал на 2022 година, кога изнесуваше 42,4 милијарди долари.
До почетокот на оваа година, директните инвестиции редовно надминуваа 61 милијарда долари во тримесечниот период од смирувањето на пандемијата, а највисоката вредност ја забележаа во третиот квартал од 2021 година, од 135 милијарди долари, според податоците од Министерството за трговија.
Поради падот на инвестициите, дефицитот на тековната сметка на САД скокна на рекордни 450,2 милијарди долари во периодот од јануари до март, бидејќи компаниите брзаа да увезуваат за да создадат доволно залихи во очекување на најавените нови тарифи.
Износот на дефицитот одговара на 6,2 проценти од БДП на САД.
Во четвртиот квартал, според ревидираните податоци од Институтот за економска анализа при Министерството за трговија, дефицитот изнесуваше 312 милијарди долари, што одговара на 4,2 проценти од БДП.
Податоците за тековната сметка ги мерат нето-тековите на стоки, услуги и инвестиции.
Падот на инвестициите на почетокот на годината се совпадна со голема неизвесност во деловното опкружување поради новите царини што ги објави претседателот Доналд Трамп, забележува Ројтерс.