Откази за новинарите во Business.hr

21

Хрватското новинарско друштво (ХНД) изрази незадоволство од одлуката на издавачот на дневниот весник Business.hr и неделникот Aktual, Business Media Grupa, да подели 35 откази на новинарите и другите вработени и ги повика инспекциите да проверат што се случило.

“ХНД е шокирано од одлуката на издавачот Business Media Grupa со седиште во Водице, која ги издава дневниот весник Business.hr и неделникот Aktual, да подели 35 откази за новинари и други вработени кои се или во работен однос или се деловно врзани со договори за соработка”, стои во соопштението на ХНД, пренесуваат хрватските медиуми.

Во соопштението се напоменува дека Business Media Grupa се гаси, а весникот и неделникот ќе продолжи да ги издава друга фирма. ХНД наведува дека на повеќето новинари им е понудено да се пријават во Заводот за вработување и да продолжат да работат за хонорар од 200 евра месечно.

“Сметаме дека она што го прават Business Media Grupa најверојатно е нелегално, а во морален смисол за новинарите е потполно понижувачки. Затоа ги повикуваме инспекциите добро да проверат што се случило”, стои во соопштението.