Откриени измами со увоз на возила – штета за државата од над 14 милиони денари

Во првите неполни пет месеци од годинава, Царинската управа поднесе 85 кривични пријави, што е еднакво на вкупниот број на кривични пријави поднесени во текот на тригодишниот период од 2020 до 2022 година.

Директорот Бобан Николовски денеска соопшти дека со засилени инспекции се постигнати извонредни резултати и дека се работи на повеќе аспекти за целосно искоренување на долгогодишните кривични дела поврзани со користени возила, злоупотреби и измами при увоз на храна, чија цел била избегнување на плаќање давачки, што предизвикало директна штета на државниот буџет.

Според Николовски, продолжени се претходните кривични истраги за криминални активности со употребувани возила.

“Решени сме да се справиме со криминалните банди и да ги наплатиме сите давачки кон државата.”Оваа година, Секторот за контрола и истраги, преку Одделението за истраги, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство, достави 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за извршени кривични дела со 140 возила. Директната штета нанесена на буџетот со избегнување плаќање давачки изнесува 14,7 милиони денари (239 илјади евра), истакна директорот на прес-конференција.

Укажувајќи на конкретни примери, Николовски истакна дека е спречен обид за нелегален увоз на половно возило мерцедес Е 350, за кое се избегнати давачки од 450.000 денари.

Мерцедесот е конфискуван и веќе се поднесени кривични пријави против девет лица. Во овој случај биле вклучени две шпедиции, една од Скопје и друга лоцирана на Блаце, нотар, тројца царински службеници и еден полициски службеник. Оваа организирана мрежа користела фалсификувана документација и лажни исправи. “Во секоја етапа од случајот се откриени криминални дејства.”

“Станува збор за грубо кршење на сите закони, при што се извршени повеќе криминални дела, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистините содржина и злоупотреба на службена должност и овластување. Но, тука не е битен мерцедесот, туку тоа што постигнавме ефект кон кој се стремевме зашто системот што го градиме е многу битен,” подвлече Николовски.

Во друг случај, Царината открила дека увозник, со помош на царински застапник, во периодот од 2022 година до јули 2024 година увезувал автомобили и користел лажни податоци за да избегне плаќање на дел од увозните давачки во износ од 1,6 милиони денари.

Станува збор за 34 автомобили со вкупна вредност од 145.251 евро, при што осомничените при царинењето на автомобилите ги декларирале како моторни возила за превоз на стоки со цел да избегнат плаќање данок на моторни возила.

Од Секторот за контрола и истраги за овој случај дополнително се наплатени 1,6 милиони денари, а до ОЈО Скопје против две правни и две физички лица е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело царинска измама.

“Применуваме сеопфатен пристап за спречување на криминалот. Ги зајакнуваме сите капацитети и внатре и на гранични премини и на оние најфреквентните и на оние со најмал сообраќај, при што ги спречуваме обидите за криумчарење. Последно на ГП Пелинце кога со години не се памети да има записник за кривично дело, спречен е обид за криумчарење злато и сребро во вредност од 2,4 милиони денари (39 илјади евра).”

“На овој начин ќе продолжиме да делуваме и во иднина координирано и уште посилно се со цел фаќање на сторителите и создавање услови за побезбедно општество како темел за одржлива економија,” потенцираше директорот Николовски.